Македонците најчесто купуваат онлајн од Обединето Кралство, Унгарија и САД.
Од македонски веб продавници, пак, најмногу се купува онлајн со американски платежни картички, покажуваат податоците за реализирани трансакции во текот на 2019 година, објавени на веб страната на Народната банка.
Во текот на 2019 година со домашни платежни картички во странство реализирани се 3.375.597 онлајн трансакции во вредност од 100,3 милиони евра.
Со странски платежни картички во земјава, пак, се реализирани 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,85 милиони евра, информира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Од вкупниот износ во вредност од 100,3 милиони евра кои Македонците во текот на 2019 година го потрошиле онлајн за купување производи од странство, дури 78,4 проценти од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји каде купувале, односно Унгарија, Обединетото Кралство, САД, Холандија, Ирска, Луксмебург, Грција, Германиј, Австрија и Шпанија.
Убедливо најголем број трансакции со домашни платежни картички (вкупно 1.294.814) се реализирани во корист на веб продавници кои потекнуваат од Обединетото Кралство.
Официјалните податоци покажуваат дека и странците купуваат онлајн од македонски веб продавници. Конкретно, во 2019 година од вкупно реализираниот износ најголем дел припаѓа на имателите на картички од САД, Обединето Кралство, Канада, Швајцарија, …
Во топ 10 земји од каде се купувало он лајн во нашата држава се и Бугарија, Австралија, Германија, Шведска, Турција и Италија.
Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 1.012 денари, односно 5.268 денари кон Унгарија и 1.115 денари кон САД.
Американските картички реализирале просечни трансакции во вредност од 2.839 денари кон македонски веб продавници, додека картички од Обединето Кралство во просек плаќале по 2.305 денари.