Северна Македонија е меѓу првите три земји во светот со најголем процентен пад на стапката на мртвородени деца (62) во периодот меѓу 2000 и 2019 година и покажува најдобри резултати во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд, покажуваат податоците на УНИЦЕФ.
Анализата на податоците вклучена во Извештајот покажува дека стапката на мртвородени деца во Северна Македонија опаднала од 10,8 мртвородени на вкупно 1.000 раѓања во 2000 година, на 6,2 во 2009 година и на 4,1 во 2019 година.
– Во Северна Македонија, УНИЦЕФ заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА) го поддржуваат Министерството за здравство да ги зајакне капацитетите на здравствените работници за ефективна перинатална грижа, да го осовремени националниот систем за собирање податоци, и да обезбеди соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ земјата – особено за жените што живеат во руралните средини.
Во изминатите три години, земјата инвестираше во подобрување на системите за транспорт со цел да обезбеди пристап и брз трансфер до одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации и ја поддржа Националната група за перинатална смрт да спроведе систематски ревизии на случаите на перинатална смрт, се вели во денешното соопштение од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Во него се додава и дека е изработен е Генерален (мастер) план за перинатална грижа до 2030 година, кој вклучува планови за натамошно зајакнување на здравствениот систем и обезбедување најдобри услуги за бремените жени и новороденчињата.