еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Македонија прв пат ќе тестира има ли храна третирана со јонизирачко зрачење

Агенцијата за храна и ветеринарство, за прв пат, ќе врши испитувања дали на македонскиот пазар има храна третирана со јонизирачко зрачење, согласно Мониторинг програма за безбедност на храна. Испитувањата ќе се вршат во Интегрираната лабораторија за примена на јонизирачки зрачења при Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Агенцијата ќе зема мостри од храната, а во лабораторија на ФЕИТ ќе се вршат испитувањата на храната што се увезува во Македонија.

„Почнувајќи од оваа година, согласно Мониторинг програмата за контрола и безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе испитувања дали храната која се продава на македонскиот пазар е третирана со јонизирачко зрачење. Станува збор за употреба на една од поновите технологии со кои се продолжува рокот на траење на производите и се подобрува нивниот квалитет и безбедност, но, чија употреба, според законските прописи треба да биде означена на производот.

Согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење дозволено е да се врши третман на суви билки, зачини, суво овошје и зеленчуци, затоа што тој е усогласен со европската легислатива“, вели Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Според него, во Македонија, засега, нема одобрени објекти за третман на храната со јонизирачко зрачење.

„Објектите во кои храната може да се третира со јонизирачки зраци треба да бидат одобрени од Дирекцијата за радијациона сигурност и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се работи за прашање за заштита на правата на потрошувачите кои треба да знаат каква храна конзумираат. Никако не станува збор за штетна, за небезбедна, храна. Со увозот, веројатно, влегува таква храна. Сега ќе се вршат контроли дали увезената храна која е третирана со јонизирачки зраци е означена, но и дали навистина таквата храна е третирана со јонизирачки зраци “, дообјасни Атанасов.

Според професор Христина Спасевска, национален координатор на проектот, Интегрираната лабораторија за примена на јонизирачки зрачење при ФЕИТ засега има две методи со кои може да се вклучи во реализација на мониторинг програмата на Агенцијата за тестирање на производи според правилникот, како што се зачини, чаеви, суво овошје и зеленчук.

„Процесот на третирање со јонизирачко зрачење е сличен на стерилизацијата на храната која ја вршиме во домашни услови, со топлинско зрачење. На пример, кога стерилизираме зимница во тегли. Разликата е што јонизирачкото зрачење е ладна стерилизација, не се користи топлина со кои се уништуваат одредени хранливи материи. Со јонизирачкото зрачење на добрите производи им се дава уште поголема вредност да бидат поквалитетни, а не лошите производи да ги направиме добри“, вели Спасевска.

На Факултетот, изминативе неколку дена, се случуваат настани поддржани од Меѓународната агенција за атомска енергија, меѓукои обука и работилница од странски експерти за тоа што значи третирање на храната со јонизирачко зрачење и колку таа е безбедна за консумирање. Националната работилница се организира под покровителство на Меѓународната Агенција за Атомска Енергија, во рамки на регионалниот проект “Користење на напредни технологии за третирање на материјали со јонизирачко зрачење”.

„МААЕ промовира безбедна и мирољубива примена на нуклеарните технологии. Преку проектите за техничка поддршка ги зајакнуваме капацитетите за примена на технологиите со јонизирачко зрачење. Се надевам дека Македонија ќе има голем бенефит од примената на нуклеарните технологиите и информациите и знаењето во оваа област ќе придонесе за подобар социо-економски развој на земјата”, вели програмскиот офицер на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Томако Фурусава, задолжена за сите проектни активности за Република Македонија.

Професор д-р Маргарита Гиновска од Факултетот за електротехника и информациски технологии ги презентираше активностите на Интегрираната лабораторија.

„Целта на оваа лабораторија е да делува како центар за испитување на различни материјали со примена на напредни технологии, пренесување на знаења и искуства во таа област, со посебен акцент кон соработката и иновативните услуги што ги нуди лабораторијата на индустријата, националните центри и агенции, владините институции, истражувачките центри, научните институти и други. Планираме Лабораторијата да прерасне во Национален центар за примена на напредните технологии за третирање и испитување на материјали со јонизирачко зрачење, градејќи широка мрежа за национална и регионална соработка во таа област“, рече Гиновска.

Агенцијата за храна и ветеринарство, во партнерство со Факултетот за елетротехника и инфомациски технологии во Скопје и Биотехничкиот факултет од Битола, ќе спроведат нов двегодишен проект „Зголемување на капацитетите во Република Македонија за користење на нуклеарни техники за безбедност и детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење” кој комплетно е финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Со овој проект ќе се обезбеди и опрема за детектирање на храна од месо и млечни производи. Исто така, ќе се обучат и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство за земање мостри кои лабораториски ќе бидат тестирани на ФЕИТ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шилегов најави ново јавно претпријатие за улични кучиња, „Вардариште“ ќе стане минато

Редакција

Денови на Италија во „Тинекс“: Промоција на 77 врвни италијански брендови

Редакција

(Галерија) „Technicolor“: Нова капсулна колекција на Росица Мршиќ

Редакција