Како што е познато, Македонија од 1 јули не се најде на преодната листа на Европската Унија за влез во земјите членки на ЕУ, која се однесува на трети земји, во која група е нашата земја.
За да по 14 дена македонските државјани може да патуваат во ЕУ, еден од условите е да имаме 20 нови случаи на Ковид-19 на 100 илјади жители во последните 14 дена, што би значело дека треба за тој период да имаме помалку од 400 новозаразени.
Македонија за два дена веќе има 293 нови случаи, односно на 1. јули беа регистрирани 120 случаи, а вчера 173.
Овој услов реално Македонија тешко ќе го оствари за брзо време, барем не до 15. јули, кога оваа листа ќе се ревидира.
Вториот услов кој Македонија и другите земји кои не се најдоа на листата, треба да го исполнат е трендот на нови случаи во истиот период во споредба со претходните 14 дена да биде стабилен или опаѓачки.
Како услови се земаат во предвид и колку се тестира, дали само симптоматски или асимптоматски, колку се следат контактите, третманот и веродостојноста на информациите.
Во овој дел Македонија за разлика од многу земји во регионот, барем според македонските здравствени власти, тестира повеќе, ги следи контактите и тестира и прво, второ и трето „колено“ на заразените, а во вкупната бројка на заразени, Македонија ги брои и тие без симптоми, чиј просечен број според податоците на Институтот за јавно здравје е околу 30%.
Многу земји, меѓу кои е и Кина, не ги бројат овие случаи.
Многу земји исто така имаат и различна методологија за броење на починатите, а како што е познато Македонија ги брои дури и тие што загинале во сообраќајна несреќа или се самоубиле, а посмртно им било регистрирано присуство на вирусот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МВР