еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Марина Тунева: Во мојот мозаик, секоја коцка си има свое значење

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, во едно, поинакво, интервју во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“, зборува за приватниот живот, кариерата, семејството…

Натпревар со самата себеси

Уште како мала била опседната со читање.

“Тоа, за мене, беше едно убаво патување во далечините. Паметам дека зборовите што ги читав магично ме внесуваа во еден нов, убав, свет, имагинацијата ме понесуваше толку силно што со часови не прекинував.

Читањето ми правеше да се чувствувам разбрана, но и да ги разбирам другите. Уште од мала, се натпреварував самата со себе, си поставував цели и бев среќна кога ги постигнував. Низ животов многу работев на себе, на мојот развој.

Честопати одев в библиотека да „купам“ знаење, но колку повеќе читав, толку повеќе имав чувство дека не знам многу нешта и дека треба уште повеќе. Читањето ме научи дека посветеноста е најважна во сѐ што правиме…“, раскажува Тунева.

Била сигурна дека нејзината окупација во животот ќе биде поврзана со пишување, комуникација, истражување и постојано учење. “Чувствував дека во нештата што ги правиме не треба да сме сами, туку, напротив, дека е важно поврзувањето, социјализацијата, комуникацијата. А, и само така најдобро ќе се разбереме“.

Осамостојување на 15 години

Вели дека има повеќе од еден роден град. Родена е во Гевгелија, градот кој многу го сака и каде што го поминувала летниот распуст. Живеела во Дојран, Богданци и Валандово.

На 15-годишна возраст се сели во Струмица, каде што учи во гимназијата „Јане Сандански“, насока економија.

“Не беше лесно да се осамостоиш на оваа возраст. Самата си создадов предизвик со оваа одлука. Менуваш средина, учиш како да се однесуваш како возрасен, како самиот да си го организираш денот. Се учиш на одговорност, како да се потпираш самиот на себе, како да реагираш во различни ситуации. Имав голема поддршка од родителите, а тие, пак, беа горди на мојата решителност и одлучност“.

Во училиште најмногу ја интересирале предметите по македонски и англиски јазик, социологија и политичка економија, а подоцна одлучила образованието да го продолжи во друг правец.

Добар дел од пријателствата што ги стекнала за време на средно училиште траат и до ден денес.

„Многу сум горда на ова. На чувството кога знаеш дека имаш пријателства што ќе траат долго во животот, нешто што го поминало тестот на времето, а останува силно, го имаш при срце и никогаш нема да се избрише. Посветеноста е клучна“.

Во училиште, вели таа, се бараше многу голема дисциплина, учење и одговорност, па немаше многу време за социјализирање после часови.

„Едноставно, мораш да се подготвиш за денот што те очекува. Но, помнам бројни анегдоти и доживувања со моето друштво, што ден денес ми предизвикуваат убаво расположение. Забавно е кога ќе се потсетиме на сето тоа заедно. Апсолутно бев посветена на училиштето. Научив многу, а тоа ми даде поттик и за понатаму“.

Факултетот ги спои сите мои желби

Во периодот пред да се запише на факултет се преипитувала дали да студира филолошки науки или психологија, за на крај решително да се одлучи за интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Сметав дека овој факултет ги спои сите мои желби. Сакав да се посветам на страста за пишување, да учам како да трагам по информации, да ги разбирам различните гледишта и ставови, да работам на откривање на вистината“.

Сепак, како што вели, на факултет ѝ недостигала пракса.

„Немавме можност да специјализираме по области или видови медиуми. Еден професор се шегуваше и ни велеше дека сме универзални сезнајковци и универзални незнајковци во многу области. Немавме ни учебници.

Помнам дека самата си „продуцирав“ скрипти за да си го олеснам учењето. Но, и покрај сѐ, независно од тоа како ни беа поставени студиите, знам дека, без разлика на дисциплината што ја изучуваме, најважна е страста, трудот и упорноста што ја вложуваш во учењето“.

Љубопитноста и потребата да се развива и понатаму ја однела во една нова дисциплина: мировното новинарство. По завршување на студиите се запишала на магистерските студии по мир и развој на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.

По неколкуте студиски патувања во Велика Британија, Норвешка и Романија, својот магистерски труд го изработила во областа на мировното новинарство.

Сѐ да изведам до крај

По дипломирањето почнува да работи во државната новинска агенција МИА како новинар и уредник во дескот за надворешна политика и таму останува 2,5 години.

По ова искуство извесно време работи како аналитичар за медиуми за тогашната американска компанија „Енрон“, потоа и во Фондацијата поддржана од УСАИД „Институт за трајни заедници“ и во проекти на УНДП, навлегувајќи во нова област: односите со јавноста.

Следува работниот ангажман во Високата школа за новинарство и односи со јавноста основана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), каде што работела како предавач по односи со јавноста, интеркултурни комуникации, известување за различностите и др.

Паралелно со работното искуство не се откажала од натамошната едукација. Завршила постдипломски студии по дипломатија и информатичка технологија на Универзитетот во Малта.

Во 2016 година докторира на тема „Улогата на комуникациските стратегии во мултикултурните општества: студија на случај Охридски рамковен договор“. Автор е и на неколку книги и публикации поврзани со односите со јавноста, комуникацијата, медиумите.

„Работите што зависат од мене сакам да ги изведам до крај, па сѐ што започнав и завршив. Се разбира, секогаш има простор и за повеќе. Но, едно ми е јасно со сигурност: секоја коцка во мојот мозаик си има свое значење“.

Од 2015 година е извршен директор на Советот за етика во медиумите.

„И покрај тоа што е подобрена слободата на медиумите и слободата на изразување во државата, медиумите треба да работат на подобрување на својата пракса и на почитување на професионалните стандарди. Ние, како саморегулаторно тело, сакаме да го помогнеме тој процес. Да бидеме точка каде што ќе се вкрстуваат и остваруваат интересите и на медиумите и на граѓаните“.

Доцент доктор Марина Тунева предава и на Институтот за комуникациски студии, на магистерските студии за менаџирање на стратегиски комуникации. Вели дека многу ја исполнува и работата со студенти.

Амбициозноста се префрли и кај ќерка ми

Мајка е на Лара која деновиве наполни 14 години.

„Ми стана најдобра другарка. Правиме многу нешта заедно. Честопати сме в кино, театар, одиме на концерти, редовни сме во Опера и балет, Филхармонија…Го следам и нејзиниот вкус за музика, па така го запознав и јужнокорејскиот бенд БТС. Летото успеавме да одиме на концертот на овој бенд на стадионот Вембли, во Лондон. Беше вистинска сензација и неповторливо искуство. Оттогаш повеќе ја разбирам опсесијата на ќерка ми“.

Вели дека да се биде родител е привилегија. Нешто што мотивира, неуморно води напред, инспирира, исполнува.

„Ништо не ми е тешко и напорно кога станува збор за неа. Многу моите улоги не ми носат толку големо задоволство како фактот што сум родител. Правиме многу нешта заедно. Се обидувам денот да ми биде една убава рамнотежа меѓу професионалните и приватните обврски. Не е секогаш лесно, но на крајот од денот седнувам и си велам: ух, колку убаво си поминавме.

„Трчање“ по курсеви, готвење, дружење, анализирање филмови, па и по некоја мала расправија, во која неретко ќе слушнам дека она што сум го правела во ‘моето време’ не е сега баш така во нивното, поново, време. Доста тинејџерски, нели?“.

Вели дека секој родител треба да дозволи детето самото да се преиспита околу своите таленти, потреби и желби.

„Како поинаку ќе дознаеме што е најдобро за нив? Да ги насочуваме, но и да им ја дадеме слободата самите да одлучат што е најдобро за нив. Се плашам (или радувам) дека амбициозноста се префрли и кај ќерка ми, па така освен училиштето има бројни други активности и курсеви. Но се надевам дека сето тоа ќе ѝ помогне да се пронајде себеси и да одлучи како понатаму“.

Време и за себе

„Успевам да ‘украдам’ по некој миг, па одам во теретана, трчам на лента, се качувам на Водно… Многу моќен ‘лек’ за ослободување од стресот. И за создавање нова енергија„, вели таа.

Се чувствува опуштено и ослободено кога им се посветува и на книгите.

„Со години си правам своја библиотека, којашто има многу наслови. Ако патувам, тогаш со себе ја носам својата подвижна библиотека, Kindle“. Патува многу, службено, но и приватно.

Англија и Америка ѝ се дестинациите каде што најчесто оди приватно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За што се работи во предметот “Поштенска банка“ на СЈО, за кој зборува Заев во новата „бомба„

Редакција

Инфлацијата лани 9,4%, што поскапело најмногу?

Редакција

Црвенковски: ЕУ нема јасен план што со себе, нема простор за надеж за забрзана евроинтеграција

Редакција