еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Нема зима за акционерите на „Тетекс“

Големи реакции во јавноста предизвика информацијата за затворање на погонот за прозводство на конфекција во Тетекс АД Тетово, компанија која е основана во далечната 1951 година и текстилен бренд со кој израснаа многу македонски генерации.

Многу од граѓаните добија погрешен впечаток дека „Тетекс“ целосно згаснува што не е вистина, бидејќи станува збор за се уште една од најмоќните компании во земјава.

Имено, „Тетекс“ меѓудругото располага со голема мрежа продавници речиси во секој град во државата и е најголем акционер во ТТК Банка.

ТЕТЕКС РАБОТИ СО ЗГОЛЕМЕН ПРОФИТ

Според последниот консолидиран финансиски извештај на компанијата објавен преку Македонската берза, „Тетекс“ во првото полугодие од минатата година оствари добивка од 25,7 милиони денари, што е зголемување во однос на истиот период претходната година кога добивката изнесувала 17 милиони денари.

Сепак, тоа не ги спречи раководството и акционерите да го затворат погонот конфекција.

Најголем поединечен акционер во „Тетекс“ е Глигорие Гоговски кој долги години е на чело на оваа компанија и според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност поседува 12,76 отсто од вкупниот број акции во компанијата.

Тој вчера за дел од медиумите изјави дека фабриката на „Тетекс“ е меѓу последните на просторите на поранешна Југославија и Европа која работела на производство од тешка конфекција, па се до финални производи и дека поради притисокот од Истокот затворањето било неминовно.

РАБОТНАТА СИЛА КОНТИНУИРАНО СЕ НАМАЛУВА

Тенденцијата на намалување на работната сила во „Тетекс“ трае подолг период. Според извештаите за работење на компанијата во 2018 година биле вработени 290 работника или за 74 работника помалку во однос на истиот период од претходната година.

Сега синдикатот најавува дека по затворањето на погонот конфекција и последните 140 работници од овој погон ќе бидат регистрирани во Агенцијата за вработување како невработени. Според Љупчо Радовски, од синдикалната организација, сите 140 работници кои досега работеа во конфекција ќе бидат обешетени на некој начин.

„Предвидени се седум лични доходи за оние работници кои имаат над 25 години работен стаж, а останатите соодветено на должината на стажот. Оние кои се пред пензија ќе бидат 18 месеци под Заводот за вработување, а другите ќе бидат до една година“, информира Радовски.

КОМПАНИЈАТА СЕ ОРИЕНТИРА КОН НОВИ ДЕЈНОСТИ

„Заради запазување  на правата и интересите на акционерите и заради одржување и зголемување на вредноста на капиталот од една страна и грижа за вработените, зголемување на општествена одговорност и животната средина од друга страна, „Тетекс“ АД Тетово во текот на февруари 2020 година ќе престане со производство на тешка конфекција“, соопшти вчера компанијата преку Македонската берза.

„Со максимално ангажирање  и мобилизирање на расположивите материјални и човечки ресурси во наредниот перод ќе се ориентираме кон останатите и нови попрофитабилни дејности“, додаваат од компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тито Беличанец продаде 4.000 акции од „Тетекс“ за 146.000 евра

Кои се членови на Одборот на директори на Тетекс

Кои се членовите на Надзорниот одбор на ТТК Банка

Фото: Тетекс

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Португалија против фиксни датуми за проширување на ЕУ

Редакција

Каков имот пријавила Фросина Ременски која е именувана за конзул во Венеција

Редакција

“ДУИ глумат херои“: Твитер реакции за фиктивните оставки на министрите на ДУИ

Редакција