Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања, е осуден на единствена казна во траење од осум години.
На поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот му е изречена единствена казна затвор во траење од 15 години.
На поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, судот му изрече казна затвор од пет години.
Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски пак, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години.
Во Основниот кривичен суд во Скопје пресудата за предметот „Трезор“ ја изрече судијката Џенета Бегтовиќ, која го води случајот.
Сите четворица обвинети од Судот се задолжуваат солидарно да ја надомест штетата направена на буџетот на државата. Воедно, со пресудата се конфискувани средства во износ од 10.819.959 денари на Финзи.
Против пресудата дозволена е жалба во рок од 15 дена до повисокиот Апелационен суд.
Предметот се однесува на злоупотреба на средства од буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Според обвинението, наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, обвинетите договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.
Согласно обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра од буџетот на државата.
Застапник на обвинението е Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое го презема предметот од поранешното Специјално јавно обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителство бара притвор за Мијалков и Стајковиќ за случајот „Трезор“
МИА/Фото: МИА