Клиниката за радиотерапија и онкологија-Скопје реагира на наводите искажани од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција.
„Апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на Христијан Мицкоски. Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија.
Во однос на конкретните обвинувања би сакале во целост да ги отфрлиме обвинувањата. Прво, за ненавременото добавување на лекови и обвинувањата дека намерно не се давани негативни референци за компаниите добавувачи, фактите се следни.
Клиниката од добавувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното.
Во тие случаи на добавувачите им треба време за испорачување на нови количини. Ова не може да биде предмет на негативна референца. Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостаток кој е честа појава за време и по пандемијата,“ се вели во реакцијата.
Клиника за онкологија како неосновано и погрешно го оценува обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха.
Тврдат дека количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха, туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти.
„За еден од лековите (Абиратерон) воопшто и немало залиха и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки.
Уште еднаш апелираме и замолуваме да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката. Клиниката е транспарентна и отворена за сите институции за овој случај, вклучително и за Анкетната комисија.
Ваквите политички манипуларани презентации на документација која не е ниту тајна, ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневни политички цели,“ велат од Онкологија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски објави нови сознанија за случајот со Онкологија
Фото: МЗ