Владата предводена од Зоран Заев jа завитка Македонија во црнила, го уценува народот и му го менува идентитетот, заради што мора да поднесе оставка и да си замине од власт, оти ќе биде казнета за своите криминални постапки, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот што се одржа во Кочани.
Според Мицкоски, време е да се стави крај на лажните ветувања за земјоделците дека ќе им биде откупен оризот и другите производи, како и за пензионерите на кои наместо да им се зголемат, пензиите им се намалени.
-Црнила создава оваа власт за работниците, за младите, за професорите во училиштата и за лекарите во болниците кои масовно се иселуваат поради неисполнетите ветувања за плати од сто илјади денари. Домашната економија е во постојан пад, а расте само онаму каде што има странски инвеститори кои СДСМ ги напаѓаше, клеветеше и ветуваше дека ќе ги избрка од државата.
Нема ништо од повратот на ДДВ, ниту пак тринаесетта плата, а со новите и покачени даноци народот одвај врзува од први до први. Наместо тоа, сакаат да сменат уставното име на државата, а ако ги критикувате ќе дадат наредба да ве испрашуваат и да ве апсат, само затоа што сте горди Макеоднци и си ја сакате државата.
За да влеземе во Европа не треба да го менуваме името, туку ние да се европеизираме, односно да престанат криминалот, корупцијата и прислушувањето во судството, истакна Мицкоски.
Од протестот во Кочани, претседателот на најголемата опозициска партија испрати неколку барања за кои рече дека произлегуваат од народот.
– Бараме оставки од министерот за надворешни работи кој својот народ го нарече „искомплексирана нација“, како и од министерот за терор и прогон, односно за полиција, затоа што спроведува само шпионски акции, претреси и омаловажување на граѓаните. Исто така, бараме да запре иницијативата за покачување на даноците и да престане осиромашувањето на бизнисот и граѓаните.
Да се преземат мерки за намалување на загадувањето со гасификација на Македонија од центртално до општинско ниво. Најнакрај, бараме да се формира независно тело, чиј претседател ќе го предложи опозицијата, а кое ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали што се собрани во изминатите две години како резултат на црниот Вотергејт на Заев, односно прислушкувањето на сите судии и обвнители, за да се откријат нарачаните обвиненија за членовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Мицковски.
На крајот од обраќањето пред граѓаните во Кочани, лидерот на опозицијата рече дека протестите ќе продоллжат, а злоделата што ги прави власта нема да и бидат заборавени, поради што таа ќе ја добие заслужената казна на првите наредни избори за претседател на државата.
МИА/Фото: ВМРО ДПМНЕ