еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Министерот за здравство Фатмир Меџити приватно: Здравството ми е „прва љубов“ 

Кадарот на Алијанса за Албанците, доктор Фатмир Меџити, специјалист-невролог е новиот министер за здравство.

Долгогодишната работа во здравствениот систем му овозможила да ги осведочи проблемите, недоследностите, предизвиците, но и можностите за развој на македонското здравство. Солидна основа за да започне со извршувањето на функцијата, а дали и колку ќе успее да ги адресира најкритичните точки ќе покаже времето.

Силната волја, ентузијазам и непоколебливост на новиот министер се забележуваат веднаш.

Но, да го видиме министерот Меџити и во едно ново светло. Во разговорот за рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“, тој за првпат ќе зборува и за приватниот живот и неговата досегашна кариера.

Ми се исполни и мојата и желбата на татко ми, чеканот како алатка на татко ми го заменив со чеканот кој се користи во дијагностиката на неврологијата

Актуелниот министер за здравство уште од најрана возраст сонува да стане лекар.

„Ова е многу хумана професија. Отсекогаш ме привлекуваше можноста да направам промени во животот на луѓето.

За да се стане лекар потребна е голема посветеност и напорна работа. Сепак, задоволството од тоа да им се помогне на другите и да се подобри нивното здравје и благосостојба се неверојатно исполнувачки.

Како лекари ја имаме привилегијата да имаме вистинско влијание врз животот на луѓето“, истакнува Меџити.

Растел во семејство во кое татко му бил столар, па некако се очекувало дека можеби и синот ќе тргне по стапките на својот татко. Сепак, отсекогаш знаел дека медицината е вистинската професија за него. Но, тоа не го спречило да го помага татка си.

Министерот се гордее со своите скромни почетоци, работејќи во столарската работилница на неговиот татко. Вели дека чеканот како алатка на својот татко го заменил со чеканот кој се користи во дијагностиката на неврологијата.

Според него не треба да се има срам да се работи која било работа, сè додека тоа се прави чесно и со достоинство.

Искуството во столарската работилница го научила на вредноста на трудот и посветеноста, за кои вели дека ги носи со себе во текот на сиот свој живот.

Животниот пат на министерот за здравство му покажал како личниот развој и учењето може да имаат големо влијание. Животните лекции што ги научил сака да ги примени и во медицинската професија, вклучувајќи ја важноста на напорната работа, посветеноста и подготвеноста да учи и да се приспособува.

Се гледал себе си како иден гинеколог, но подоцна одлучува да се посвети на неврологијата. Во таа професија, вели, целосно се пронашол себе си, користејќи ги вештините и знаење за да го подобри здравјето и благосостојбата на пациентите.

По потекло е од селото Неготино, Полошко. Смета дека амбицијата и визијата може да ја надминат секоја препрека.

„И покрај тоа што имав скромни почетоци, бев решен да успеам и да работам напорно за да ги остварам своите соништа. Мислам дека мојата приказна, како и многу други, се потсетник дека секој, без разлика на своето потекло, може да постигне успех и да направи разлика со правилен начин на разммислување и напорна работа“, вели тој.

Силна страст за спортот

Министерот за здравство не е само висококвалификуван и посветен медицински професионалец, туку и страствен спортски ентузијаст.

Уште од младоста, голем дел од слободното време го поминувал играјќи фудбал, дури во еден момент тренирал и професионално, сè додека повредата не го натерала да прекине. Но, и покрај тоа, останува посветен на активниот начин на живот, играјќи кошарка, тенис, пинг-понг, занимавајќи се со пливање и тренирање фитнес.

Во последниве години, тој честопати вози велосипед, користејќи го за здрав начин на живеење. Иако можеби не е во можноост да оди на работа со велосипед поради недостигот на велосипедски патеки во Скопје, каде што живее со своето семејство, неговата страст за спорт продолжува да ги инспирира оние околу него.

„Здравиот начин на живот не само што е корисен за нашата физичка благосостојба, туку може да ни помогне и да останеме ментално остри и фокусирани“, потенцира министерот.

Прв лекар во поширокото семејство

Средно училиште учел во Тетово и Гостивар, а дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина во 1999 година.

„Многу сум горд на фактот што станав првиот лекар во пошироката фамилија и што си ги исполнив моите и соништата на домашните“, вели тој.

Специјализирал неврологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 2015 година, а лиценцата за медицинска пракса на Комората на лекарите на Македонија ја добил во 2000 година.

Таравари му е меѓу најблиските соработници и поддржувачи во професијата

Првото професионално работно искуство го има во 2000 година, кога станува лекар по општа медицина во Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар, а по седум години до 2011 година е нејзин управител.

Во периодот, пак, од 2011 до 2015 година специјализирал на ЈЗУ УК за неврологија.

Од 2015 година досега работи како невролог на Одделот за главоболка и болни синдроми при ЈЗУ УК за неврологија.

Во 2017 година, кога Алијанса за Албанците влегува во Владата, станува прв советник на тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, актуелен лидер на партијата и градоначалник на Гостивар.

Во тоа време беше член и претседател и на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.

Професионалниот однос на министерот со неговиот пријател Таравари е доказ за важноста на соработката и конструктивната критика за постигнување професионален успех.

Министерот Меџити вели дека ја цени поддршката и стручноста на Таравари и дека заедно се залагаат за унапредување на здравствениот систем во земјава.

Нема да застанам во намерите за подобрување на здравствениот систем

Вели дека сега нема време да работи како невролог, но не би одбил некој од долгогодишните пациенти да ги посети и дома.

Сега, како што вели, ќе може да направи нешто и за поплаките на неговите пациенти за тешката бирократија во здравствениот систем, но и за условите во коишто функционира.

„И на колегите им велев дека ако еден ден добијам раководна позиција тврдо ќе застанам зад определбата да се направат потребните промени.

Еве тоа и се случи, па сега имам можност да покажам што знам и што можам.

Нема да застанам во намерите за промена на подобро во здравството“, вели тој, посочувајќи дека е принципиелен, прецизен и педантен, но и дека цврсто стои зад своите идеи и визии.

Времето ќе покаже дали во периодот што следува ќе успее да ги оствари планираните промени, потенцирајќи дека е целосно свесен во што влегол.

„За некои работи ќе треба подолго време, но некои може да се средат веднаш“, вели тој и најавува дека со сигурност ќе го реши проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар во Скопје, ќе ја ажурира позитивната листа на лекови, која не е ажурирана повеќе од 10 години, дека ќе работи на подобрување на системот „Мој термин“, ќе отвори нов ургентен интернистички центар во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, ќе работи на подобрување на условите на лекарите, ќе се стреми кон долготрајно решение за пациентите со цистична фиброза…

Има идеи и за стопирање на трендот на масовно заминување на лекарите во странство и во приватниот сектор, како и за други горливи прашања во здравството.

„Треба ред и дисциплина, реорганизација, а зошто да не и систематизација“, вели тој.

Татко на две деца

Меџити е горд татко на две деца, коишто, исто така, ја негуваат страста за медицината. Иако се гордее со нивниот избор на идна кариера, ги признава предизвиците и жртвите што доаѓаат со самата професија.

Министерот за здравство истакнува дека на ова поле е потребна напорна работа и посветеност.

Интересно е што и неговата сопруга е дел од медицинската заедница.

Фото: Ивана Кузмановска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од партијата на Љубчо Георгиевски бараат телевизијата Алфа да не прикажувала југословенски филмови

Редакција

(Видео) Сузбиена организирана криминална група од Штип, Кочани, Виница и Берово, која вршела продажба на кокаин, амфетамин и марихуана

Редакција

Обинителството ќе поднесе жалба за условната казна за сообраќајката кај Млечен

Редакција