Во маркетите од денеска треба да се продаваат тестенини со намалени цени за 15 проценти, а дел од млечните производи за 10 проценти.
Министерството за економија се уште анализира дали ќе ја прошири владината одлука за замрзнати цени и за јајцата, шеќерот и оризот. Не е исклучена можноста за такво нешто и кај зеленчукот и овошјето ако трговците и производителите не ги следат светските текови за намалување на цените.
Согласно со одлуките на Владата, од денеска ќе бидат замрзнати цените на тестенитете (макароните и шпагетите), кои на полиците во маркетите ќе бидат пониски за 15 проценти, како и на млечните производи (кравјо млеко 2,8 проценти,3,2 проценти, 3,5 проценти, јогурт, кисело млеко, павлака, кравјо и мешано бело сирење и кравји кашкавал) кои пак бидат пониски за 10 проценти.
Ако цените се нелогични и по 31 мај, како што рече министерот за економија Крешник Бектеши, ќе следи повторно замрзнување.
Дополнително, Министерството за економија прави анализи за проширување на одлуката за замрзнување на цените на другите основни производи кои беа опфатени во Одлуката за замрзнување на маржата, односно за јајца од кокошка, македонски ориз и бел шеќер. Анализите, според Бектеши, се очекува да завршат до петок.
-Штом ќе бидат готови анализите на податоците за овие производи ќе донесеме одлука дали мерката за замрзнување на цените ќе се прошири и кај нив. Сите одлуки ги носиме заедно со здруженијата и коморите. Очекуваме солидарност од сите стопанственици во нашата држава за кризата да не биде на грбот на граѓаните, изјави вчера министерот Бектеши за МИА.
Вицепремот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, вели дека анализата на движењата на пазарот покажува оти со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи. И нашите трговци и производители, според него, ќе треба да ги следат тековите во светот.
– Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните, рече Битиќи на новинарско прашања за можна интервенција кај цената на зеленчукот и овошјето.
За тие што нема да ги намалат, како што рече, замрзнувањето на цената е доволно како мерка и е и најтешка одлука за нив.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ќе се следат цените на влезните елементи во земјоделското производство и има одредени намалувања на цените на вештачкото ѓубриво и на други суровини.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) како што изјави тој вчера, успева во обврската да интервенира за да ги намали трошоците на земјоделците при производство на храна и да го одржи и зголеми домашното производство.
Во однос на тоа дали МЗШВ има механизам да ги заштити сточарите поради замрзнувањето на цената на млекото од утре, Николовски наведе дека Министерството дава поддршка преку субвенции и други програми на сточарите за зголемените трошоци во производството.
– Минатата година поддршката беше во делот на поледелското производство, на житните култури, за да се одржи и зголеми производството, а оваа година, зависно од потребите и барањата на подсекториските групи, има доволно средства да се интервенира дополнително и во делот на сточарството, за дополнителна поддршка на млекото и за се за што во тек на годината имаат потреба и земјоделците и сточарите, изјави Николовски.
Владата на 28-ми минатиот месец ја замрзна и цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.
Примената на владините одлуки ја контролира Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а казните за непочитување изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
МИА/Фото: Унсплеш