еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

МНР ќе ја прекине кампањата за претседавањето со ОБСЕ

Министерството за надворешни работи соопшти дека по сугестија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери, која е во функција на промоција на претседавањето со ОБСЕ.

Во соопштението МНР наведува дека претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешно – политички проект со кој Македонија ќе се претстави во меѓународната јавност, но и проект кој има значење и влијание и за севкупниот внатрешно – политички развој на земјата.

Воедно, посочуваат дека ангажирање на агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој Претседавач со организацијата, и активностите кои се предвидени не се за пи-ар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја – претседавач со најголемата регионална безбедносна организација.

Покрај Стратешкото комуницирање, ангажирањето на Агенцијата, се додава, во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на министри за надворешни работи.

-Во рамките на првите денови од преземање на претседателството, беа привремено поставени веб банери, кои се од информативно-едукативен карактер и преку истите на ниеден начин не се промовира ниту министерството, ниту неговата работа.

Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите. Без разлика на законските можности, по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери.

Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор, стои во соопштението на МНР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Медиумската промоција на МНР со јавни пари, ЗНМ реагира

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Приведени уште две лица за напад врз полицијата на 5 јули пред Собранието

Редакција

(Фото) Турската Фондација МААРИФ купи дел од кампусот на Универзитетот „ФОН“

Редакција

(Видео) Невреме во Штип поплави улици и црква

Редакција