Тетовската полиција приведе 39 годишник од Боговиње во врска со случајот кога две лица на дете му помагаа да пука од оружје, а снимката беше објавена на социјалната мрежа Тик-Ток.
МВР преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност работеше за откривање на идентитетот на лицето.
-Како резултат на тоа, вчера во 20.10 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.Џ.(39) од с.Боговиње, поради основи на сомнение дека на социјалната мрежа Тик-Ток објавил видео, на кое малолетно дете пука со пиштол, а му помагаат две лица.
Тој е приведен во Полициско одделение Камењане и се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, информираше Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Полицијата ќе поднесе соодветен поднесок за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик.
Притоа, за настанот е информиран и Центарот за социјална работа кој презема соодветни мерки согласно нивната надлежност. МВР ќе продолжи и понатаму посветено да работи и да ја става безбедноста на граѓаните на прво место, информира порпаролот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Само во Македонија: На ТикТок се „фалат“ како учат мало дете да пука со пиштол
МИА