Најголемиот предизвик во однос на Законот за употреба на јазиците ќе биде преведувањето, бидејќи имаме институции со големи количини на преводи што ќе треба да се сработат на дневна основа и кои треба да бидат според највисоките стандарди.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по состанокот во Владата со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците и со директорот на Агенцијата за спроведување на законот, Илбер Села.
– Сега сите документи ќе имаа легална важност, така што веќе нема нема да има приоритизирање на кој превод е официјален, односно легален. Така што треба да се внимава на секој збор, на секоја реченица, бидејќи тоа е документ врз основа на кој се добива некое право или пак се воспоставува некое правило. И тука ќе биде предизвикот бидејќи има многу институции – 1.300 институции што сега ги одбележавме, за во Централниот регистар да ги запишуваме тројазично, рече Османи.
Тој изрази уверување дека во тоа голем дел ќе помогнат земјите со слична проблематика што се мултијазични, а, како што најави, ќе се организира и Донаторска конференција, со која ќе се вклучи и донаторската заедница, не само во градење на логистичките капацитети туку и пренесување знаења и искуства.
Османи наведе дека тоа што сега со новиот Закон за употреба на јазиците се овозможува е во централните институции од хоризонтално да има во вертикално проширување на службената употреба на албанскиот јазик.
– Има институции каде што едно решение има сто страници, и се додека Агенцијата не не снабди со можност за превод на тие сто страни, институциите сепак, се уште одат еднојазично бидејќи секој збор во документите што го издаваат институциите имаат легални последици, и тука не смее да има грешка во преводот, посочи тој и додаде дека Законот има преоден период од шест месеци за да се градат капацитетите.
МИА