еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Најмалку до 7 февруари на сите за влез во Грција ќе им треба ПЦР или рапид тест

Актуелните правила за влез во Грција воведени пред еден месец, продолжени се за уште две седмици и негативен тест ПЦР или рапид и понатаму е задолжителен за сите патници независно дали се вакцинирани или не, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ стапува во сила утре, а ќе важи до 7 февруари 2022 година во шест часот.

Негативен резултат од ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале Ковид-19 или се невакцинирани.

Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Северна Македонија, кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.

Министерската одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување кај јужниот сосед.

Согласно одлуката „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во Грција“.

Тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Посебна одредба, веќе неколку месеци постои за невакцинираните и за оние кои не прележале Ковид-19, а во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција и предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/рапид тест на влезните точки во Грција.

Задолжителното тестирање при влезот, не важи за вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 14 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна.

Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатиот месец, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година, а останатите се со траење до 90 дена по првиот позитивен резултат.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за останатите се задолжителни.

Со оглед на тоа дека карантинот во Грција е намален од десет на пет дена, во случај на позитивен резултат при тестирањето на граница предвиден е петдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи.

Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат маска со висока заштита или КН95 или двојна маска.

Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или поминале шест месеци од примената втора доза или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во петдневна изолација по последниот контакт со позитивното лице и на последниот ден ден да направат ПЦР или рапид тест.

Доколку блиските контакти се вакцинирани и со трета доза или не поминале шест месеци од втората или прележале Ковид-19 во последните 90 дена, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат на петтиот ден од контактот.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1.500 лица седмично.

Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Воведувањето задолжителниот тест за влез во Грција, за сите, од грчката Влада го најавија кон средината на минатиот месец, како привремена и вонредна мерка за време на празниците, за да се спречи ширењето на Омикрон, сојот кој сепак, веќе е доминантен во земјата.

Иако конкретната мерка воведена на 19 декември 2021 година првично, беше предвидено да важи до 10 јануари 2022 година, сега, продолжена е по втор пат, за уште две седмици.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Семејна трагедија ја потресе Хрватска: Татко си ги убил трите деца на возраст од 4 и 7 години, па се обидел да се самоубие

Редакција

ДУИ побара сеопфатна истрага за наводите на САД за Мерко, неговите партиски функции замрзнати

Редакција

Кои се најчестите симптоми кај заболените со Ковид-19 во Македонија

Редакција