Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнале во Виница, 23 литри на метар квадратен, а најмалку во Гевгелија, два литра.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до 8 часот утрово измерени се и 16 литри на метар квадратен воден талог во Крива Паланка, 14 во Берово, 13 во Скопје-Петровец, 9 во Струмица, 7 во Скопје-Зајчев Рид и Демир Капија, 6 во Штип и Маврови Анови, 4 во Дебар, Дојран и Попова Шапка, како и 3 во Ѓуриште.
И утрово времето е променливо облачно, а на повеќе места, особено во северозападните и источните делови, повремено врне пороен дожд, но има и грмежи и засилен ветер.
Во текот на денот, според УХМР, ќе биде променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за изолирана појава на град.
На места ќе наврне поголема количина на воден талог. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Максималната температура ќе биде во интервал од 21 до 28 степени. УВ индексот ќе изнесува 6.
Во Скопје променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, во делови од котлината со пообилни врнежи. Максималната температура ќе достигне 25 степени.