Царински службеници синоќа на Меѓународниот аеродром „Скопје“ открија и запленија над 43 килограми златен накит, информира денеска директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
Ова, како што потенцираше таа, е рекордна заплена на златен накит, кој се проценува на вредност од околу 2,3 милиони евра.
– По претходни сознанија и основан сомнеж, лице со српска патна исправа кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот.
Притоа, во неговиот куфер и рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски кеси, меѓу кои и накит од бело злато, до дијаманти со приложени сертификати. Лицето претходно се упатило на зелен канал и не ја пријавило стоката, информираше Кутиров.
Како што рече, лицето и накитот се привремено задржани и во моментов се спроведува истрагата. Во истрагата се вклучени и Секторот за контроли и истраги и Секторот за професионална одговорност на Царинската управа.
Директорката на Царинската управа рече дека за овој случај веднаш е известен дежурниот јавен обвинител, заради спроведување на понатамошни истражни дејствија.
Кутиров напомена дека во 2022 година се забележува двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија по сите категории, во однос на 2021 година.
– Споредено со 2021 година кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на над осум тони дроги и психотропни супстанци, како и заплена на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиони евра.
Од нив, во пет случаи се запленети 33,8 килограми злато, со проценета вредност од околу 1,5 милиони евра. Златото е предадено на Агенцијата за управување со одземен имот, која понатаму го депонира во Народната банка до правосилно завршување на судската постапка, рече Кутиров.
Како што информираше таа, од почетокот на оваа година имало вкупно 18 случаи на спречување на недозволена трговија во повеќе категории, меѓу кои два случаи со околу 50 килограми запленети дроги и психотропни супстанци, девет случаи со заплена на акцизни стоки, тутун и преработки од тутун, електронски цигари и тутун за наргиле, три случаи на заплени на девизи во вкупен износ од над 90 илјади евра, како и два случаи на заплена на злато, вклучувајќи го и овој денес, со вкупна проценета вредност од над 2,3 милиони евра.
МИА/Фото: ТАВ