Началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје, Горан Милошевски, е денешниот сведок кој даде исказ во предметот „Монструм”. Тој сведочеше за возилото „Опел Омега”, најдено во местото Враживир.
– На 13 април на работа бев од 07 до 15 часот. Од никого не сум добил дојава дека во Враживир е најдено возило. Од старешината Владо Мирчевски, добив сознаније дека во Враживир најверојатно е пронајдено возило поврзано со настанот на 12 април, рече Милошевски.
Тој исто така посочи дека воопшто не го видел возилото.
– Ние добиваме дојави од Центарот за известување и командување, има други служби кои обработуваат оперативни сознанија, наша надлежност е за увид на место на настан, потенцира Милошевски.
Во меѓувреме одбраната на обвинетите поднесе листа на предложени докази кои треба да се презентираат на следните рочишта. Меѓу сведоците кои одбраната ги предлага е и Миле Јанакиески, за разговор поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Следното рочиште е закажено за 31 август.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
МИА