Националниот парк Шар Планина состави План за управување со заштитеното планинско подрачје во периодот од 2022 до 2031 година, кој оваа недела беше одобрен од Управниот одбор по добиена согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овој план дефинира повеќе аспекти кои, според вработените, ќе придонесат за развој на националниот парк за кои како установа ќе имаат и повеќе надлежности.
– Планот инаку произлегува од законот за заштита на природа и од законот за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје и во оваа фаза, за нас има тежина на законот затоа што ќе регулира, ќе ни помогне да регулираме и спроведуваме многу активности во иднина.
Сите институции да бидат свесни дека со овој документ јавната установа национален парк Шар планина е потполно подготвена да ги преземе сите ингеренциии. Тие имаат обврска да побараат мислење од институцијата Национален парк.
Значи, да се отвори пат, да се интервенира на канал, да се даде градежна дозвола. За секоја интервенција која што се однесува на територија на Шар планина, изјави Анела Ставревска Панајотова, раководител во одделението за заштита на природата.
Самиот план содржи табела на дозволени и забранети активности по зони, штој е објавен на интернет страницата на јавната установа. Ќе следат одредени ограничувања што се однесуваат на многу активности што се на сметка на природата, како што е двжењето на моторните возила, градењето, односно неможност за градење според зоната, итн..
Еден од најголемите предизвиците во наредиот пролетен и летен период за вработените во паркот ќе биде спречувањето на палењето огнови на отворено на територија на паркот, нешто што во изминатиот период беше чест проблем поради појава на големи шумски пожари.
„Контролата и справувањето со пожарите е во ингеренции на националниот парк. Така да имаме голем предизвик. Се надеваме дека ќе се доекипираме со опрема. За да можеме да интервенираме соодветно и со одреден број на луѓе.
Нормално тоа треба да е проследено и со кампања за подигање на свеста кај локалното население, да престане таа практика да се палат меѓите, да се чисти отпадот со палење,“ додаде Ставревска Панајотова.
Чуварската служба на Паркот во заштитеното подрачје има надлежност во однос на пишување мандатни казни. За различни прекршоци, различни се казните и тоа е дефинирано според повеќе закони, како законот за шуми, законот за природа и други.
МИА