По извршените вонредни инспекциски надзори за амбиенталниот воздух во Цементарница Усје, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека измерените параметри од двете печки за азотен оксид (NOx), сулфур диоксид (SO2) и прашина се во рамки на дозволени концентрации според А-интегрираната еколошка дозвола, а од котларата за парно греење која користи мазут, покажуваат надминување на азотни оксиди и изнесуваат 711,9 милиграми на метар кубен.
– Поради надминување на прагот за алармирање во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, во соработка со Инспекторатот за животна средина од Град Скопје, изврши вонреден инспекциски надзор над Цеметара Усје на ден 30 декември 2022 година, при што се побарани извештаи за мерења од двата испусти од печките 3 и 4 за 28-29 декември 2022 година.
Исто така, вонреден инспекциски надзор е извршен и на 3 јануари 2023 и 4 јануари 2023 од страна на Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Инспекторатот за животна средина на Град Скопје и акредитирана лабораторија, која изврши мерење на емисија на гасови и прашина од оџаците на двете печки за клинкер. На 4 јануари 2023 година извршени се мерења на емисија на гасови од оџакот на парниот котел со моќност од 4,2 мегавати кој користи мазут како гориво, образложија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ