Не престануваат реакциите во јавноста по вчерашната смена на раководството во СДСМ. Граѓаните од една страна ја поздравуваат одлуката на премиерот Зоран Заев, а други сметаат дека тој си направил пат за доминација во СДСМ, слично како и експремиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски додека беше на чело на партијата.
Главно прашање кое се поставува е дали потпретседателите на СДСМ кои се сменети по вчерашниот ремонт ќе ги задржат функциите. Имено, Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи, Петре Шилегов е градоначалник на Скопје, Мухамед Зекири е пратеник, Фросина Ременски е потпреседател на Собранието, Дамјан Манчевски е министер за информатичко општество и администрација, а Благој Бочварски е градоначалник на Штип.
Голем број граѓани сметаат дека доколку овие лица ги задржат функциите тоа ќе значи дека Заев само ги ослободил од партиските обврски, што е своевидна награда.
При тоа не треба да се заборави дека беа сменети 78 општински претседатели на партијата, што е сигнал дека метлата на премиерот Заев доби партиски наместо институцинален карактер ако се земе предвид дека се најавува смена на 3 до 4 министри.
Заев веќе кажа дека нема намера да си поднесе оставка, така што тезите дека во СДСМ власта се централизира во рацете на еден човек добиваат на значење.
Времето ќе покаже дали ќе следува сериозно „метење“ и во државните институции, бидејќи промената на тројца или четворица министри нема баш ништо да значи доколку нема освежување во претпријатијата и државните органи кои во изминатиов период не мрднаа од место и покрај најавите за сериозни реформи и работење во корист на граѓаните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Спасовски, Шилегов, Бочварски, Манчевски, Зекири, Ременски „лоши“ за СДСМ, а за граѓаните?
Каков имот пријавил новиот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски
Кој е Љупчо Николовски, новиот генерален секретар на СДСМ
Фото: Влада