Растот на економијата се очекува да достигне 3,5 отсто согласно со проекциите, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, кој смета дека и монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и оти економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.
„Според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 отсто (4,1 процент во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес.
Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6 отсто и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината. Високофреквентните показатели за економската активност во јули упатуваат на натамошен раст, но бројот на расположливи показатели засега е ограничен за извлекување посигурни констатации за растот во третиот квартал.
Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5 отсто“, информираат од Народната банка.
Во соопштението се додава дека отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, контекст што придонесува за постојани интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината.
Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања.
Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1 отсто, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани.
Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 отсто засега се оценуваат како претежно надолни.
Во соопштението стои дека податоците за менувачкиот пазар заклучно со првата декада на август укажуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи од приватни трансфери во однос на проектираните за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на август се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за август покажуваат натамошен раст на годишна основа, при што нема поголеми отстапувања во однос на очекувањата.
Ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка.
„Во август Народната банка откупи околу 88 милиони евра, во услови кога банките втор месец по ред имаа нето-откуп на девизи од нивните клиенти. Најголем придонес за ваквите движења има натамошната сезонски повисока понуда на девизи од страна на менувачниците, но и умереното намалување на нето-побарувачката за девизна ликвидност од страна на корпоративниот сектор.
Покрај овие движења, врз високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонес имаше и активниот пристап на управување со девизната актива од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Поволните движења на девизниот пазар продолжија и во првата седмица од септември“, наведуваат од Народната банка.
Во услови на натамошно зголемување на денарската ликвидност, стои во соопштението, банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити.
Банките го насочуваа вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.