еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка поттикнува штедење во денари, со можност за зголемување на каматата од страна на банките

Советот на Народната банка донесе одлука за промени кај инструментот на монетарната политика, преку којшто се настојува да се влијае на валутната структура на депозитите во банкарскиот систем.

Со одлуката се предвидува намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски од 8 на 6,5 проценти, со едновремено зголемување на стапката на задолжителна резерва од обврските во странска валута од 15 на 16,5 проценти.

– Преку овие промени се зголемува просторот за промени во каматната политика на банките во полза на штедењето во домашна валута. Во таа насока, се очекува банките да направат прилагодување на каматните политики во корист на денарски депозитни производи, што ќе ги зголеми приносите на денарското штедење, соопшти денеска Народната банка.

Оваа измена ќе се применува од јуни годинава и е во линија со Стратегијата за поддршка на денаризација на домашната економија.

На седницата на Советот биле разгледани и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка. Со донесените измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, како што соопшти Народната банка, се даваат јасни насоки за постапување од страна на банките при продажбата на достасаните, нефункционалните или отпишаните побарувања од договор за кредит.

– Овие насоки треба да овозможат унифициран пристап и натамошен развој на пазарот на продажба на кредитните изложености, вклучително и на нефункционалните кредитни изложености, што е една и од мерките предвидени со Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрувањето на управувањето со нефункционалните кредити.

Покрај тоа, се овозможува и постепено усогласување со соодветните барања и практики присутни во Европската Унија, појаснуваат од централната банка.

На седницата биле разгледани и информациите во однос на цикличниот системски ризик кај кредитирањето и било констатирано дека нема потреба од воведување на мерки за ограничување на кредитната активност.

Советот донел одлука за стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите во Македонија, како и на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите кон други земји во висина од нула проценти.

Советот го усвоил и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка чија цел е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2021 година.

Во Извештајот е презентиран профилот на ризик на Народната банка во однос на оперативните ризици, како и стратегиите и мерките за справување со оперативните ризици. Било заклучено дека Народната банка редовно ја следи изложеноста кон оперативните ризици и активно управува и ги спроведува утврдените мерки и активности, коишто имаат за цел да обезбедат намалување на потенцијалните оперативни ризици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Комплексна реконструкција на подлактица направена на Клиниката за ортопедски болести

Редакција

„Скопјанецот“ Димитров, за грчките медиуми не сме веќе БЈРМ, сега сме само „Скопје“, а Македонците се „Скопјани“

Редакција

Кој е виновен, девојчињата што испраќале фотографии, родителите или тие што ги споделуваат: Твитер реакции за групата на Телеграм

Редакција