ДУИ денеска на промотивната конвенција во Преспа ја започна предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули, на која го промовира Насер Зибери како нивен кандидат за прв премиер Албанец на С.Македонија.
„По интензивните консултации со граѓанското општество, академскиот свет, стручно и креативно мислење, стигнавме до обединувачкото и заслужно име на кандидадтот за првиот Албанец премиер. Тоа е Насер Зибери кој ги има сите доблести да ја води извршната власт на земјата кон полна еднаквост“, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети на конвенцијата.
Кандидатот за премиер Зибери во неговиот говор рече дека е убеден во тоа дека е дојдено времето за целосна еднаквост.
„Бев изненаден од повикот на Али Ахмети со покана за состанок во неговата канцеларија. Тој ме извести дека се консултирал со многу почитувани луѓе, граѓанското општество и академијата и тоа што моето име беше меѓу номинираните како надпартиски кандидат. Искрено, бев изненаден и секако, се чувствував ценето.
Да бидам потполно искрен, си помислив дека ова не само што ќе го промени мојот живот, туку е и голема одговорност. Не е лесна одлука да се донесе, и нема многу време за размислување. Но, челикот се кали во оган и за поединецот се суди според одлуките што ги носи за социјалното добро, затоа реков да“, рече Зибери.
Насер Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, Општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет.
Во минатото беше висок функционер на ППД, а во периодот од 1996 до 1998 станува министер за труд и социјална политика во Владата на Бранко Црвенковски.
Пред да стане политичар, бил новинар, а повеќе од 10 години не е активен во политиката, и работи како нотар.
МИА/Фото: Ахмети/Фејсбук
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„ДУИ во опозиција. Зошто да не?„: Твитер реакции
ДУИ на „тапет“ на Твитер за идејата за Албанец премиер
Касами: Неуспесите на ДУИ не можат да се покријат со барањето за премиер Албанец