НАТО денеска соопшти дека започна повлекувањето на силите од Авганистан и оти се преземени сите мерки за нивна безбедност.
„Повлекувањето започна. Тоа ќе биде уреден, координиран и добро осмислен процес. Безбедноста на нашите војници ќе биде врвен приоритет на секој чекор и ние ги преземаме сите потребни чекори за да го обезбедиме нашиот персонал“, изјави неименуван претставник на НАТО.
Тој додаде дека НАТО „енергично ќе одговори“ на секој напад на Талибанците за време на повлекувањето на трупите.
Кон средината на април, НАТО одлучи да почне со повлекување на своите сили на 1 мај.
Претходно, американскиот претседател Џо Бајден оцени дека мисијата во Авганистан е исполнета и дека повлекувањето на американските војници треба да заврши на 11 септември, на 20-годишнината од терористичките напади врз САД.
САД имаат најголем број на војници во Авганистан (2.500 војници), потоа следат Германија (1.300), Италија (895), Велика Британија (750) и Турција (600).
Во мисијата во Авганистан распоредени се 9.592 војници од 36 земји членки и партнери на НАТО.
Мисијата Одлучна поддршка имаше за задача да ги обучи авганистанските безбедносни сили.
Изминатите недели Талибанците ги интензивираа нападите врз полицијата и војската.
Според голем број аналитичари повлекувањето на НАТО може да предизвика нова граѓанска војна во Авганистан или да им овозможи на Талибанците, кои беа протерани кон крајот на 2001 година, да се вратат на власт.
МИА/Фото: НАТО