Љубовта на креативката Данче Наумоска од Охрид, студиото „Копер арт“ кон создавањето производи од бакар датираат многу одамна. Таа ни открива дека уште како мала со задоволство му помагала на нејзиниот татко. Бакарот отсекогаш ја импресионирал како метал, зошто при оксидација секогаш се постигнувала различна нијанса, која никогаш не можеше да се повтори.
„За да обработам бакарна слика, користам разни дебелини на бакар. Најпрво механички ја обработувам сликата, да добијам дводимензионален релјеф. Следува хемиска обработка, во зависност каква ми е замислата, такви хемиски процеси ќе употребам.
Бакарот го полирам (сјаен) го потемнувам со сина и темна патина, го посребрувам, го цртам, како на пример на охридските мотиви, мртва природа им давам душа.
За да обработам накит, правам скица, прецртувам, сечам, механички го обработувам ,за да добијам нерамна површина, тоа е мојот печат. И кај накитот користам хемиски процеси, со тоа парчињата накит добиваат уникатни нијанси, контраст и тежина на обработката,“ вели Наумоска за „еМагазин“.
Таа додава дека во нејзиниот дуќан доаѓаат разни луѓе со различни желби и ставови.
„Моја желба, и секако мој предизвик да го изработам тоа што го замислиле, со љубов се посветувам, за на крај да видам задоволни и среќни лица. Муштериите имаат желби за персонализирни производи, посакуваат нешто што им буди позитивни емоции, нешто што сакаат да го зачуваат како трајна вредност.
Во „Копер арт“ можам да се пофалам дека имам широка палета на производи од бакар, како што се: икони, охридски мотиви, копии од артефакти, традиционални мотиви, апстактни уметнички дела, нотеси, честитки, плакети, накит,“ додава Наумоска.
Бестселери во продажбата се македонското сонце во разни варијанти, копиите од златни маски и белегзиите.
„Во зимски период сакам да се посветам на иконите. Некогаш кога добивам инспирација ги изработувам апстрактните слики, тоа се неповторливи дела, креации од душа. Кога се чувствувам презаситена од изработка на слики, имам потреба да работам нешто друго, тогаш се фокусирам на изработка на накит,“ додава Наумоска.
Таа изрази голема благодарност до Центар за управување со промени – ЦУП за реализација на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“, кој е спроведен од ЦУП, а поддржан од Balkan Trust for Democracy.
„Од секој состанок добивав идеја и инспирација, поголемо знаење за бизнисот, поголема самодоверба и храброст за одредени чекори кои до скоро ги занемарував. Се стекнав со основите за лепење на металите – како дел од филигранската техника,“ вели Наумоска.
За оваа година таа планира да ја усоврши изработката на накит, добро да се организира и подготви за летната сезона, да се зголеми продажбата, да вработи помошник за повеќе да се посвети на креирање.