На денешното закажано рочиште во судот во Москва судијата што го води процесот против Алексеј Навални на обвинетиот му забрани да зборува за политика и остро го критикуваше за неговиот настап, пренесоа руските медиуми.
Блогерот се повика на пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за случајот „Ив Роше“, според која тој доби условна казна, а која сега му се заканува да се пренамени во ефективна.
– Тие сакаат да ме затворат во случај во кој веќе сум прогласен за невин. ЕСЧП е дел од судството, бидејќи Русија е член на Советот на Европа, рече Навални.
Активистот тогаш почна да зборува за руската Влада, особено нагласувајќи дека целта на овој процес е заплашување на Русите.
Судијата го повика да зборува само за основаноста на судскиот предмет.
– Да се вратиме на процесот, побара судијата во својата интервенција.
– Сега не сме на митинг, а вие не сте во својство на говорник, рече судијата.
На Навални му се заканува укинување на условната казна и нејзино претворање во ефективна затворска казна.
Инаку, оваа мерка доста активно се користи во Русија, бидејќи само минатата година условната казна им била заменета со ефективна казна на 11.300 лица, а во 2019 година – на над 15.000.
МИА/Фото: Фејсбук/Навални