Фракцијата на Демократската унија за интеграција соопшти дека „со длабока огорченост и разочараност од медиумите дознале за состанокот и одлуките донесени на тајната средба на претседателството на ДУИ, чиј епилог бил манипулација со јавноста преку игра на зборови.
„Не се „самоисклучивме“, туку го напуштивме состанокот (на 1 април) во знак на протест како резултат на непочитувањето и манипулацијата со партискиот статут. Не бевме поканети на состанокот како членови на претседателството, што претставува повреда на статутот и законските обврски на органите на партијата.
Ваквото раководење со партиското тело е самоволно и недемократско. Членовите на претседателството ги избира генералниот совет и само тој може да ги разрешува истите, според законски процедури.
Бараме да престане манипулирањето на јавноста преку зборови, сериозно да се внимава на внатрепартиските несогласувања, како резултат на сквернавењето на демократијата, меритократијата и партискиот статут,“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека остануваат стоички во нивните убедувања дека „ДУИ треба да има одговорност за своето потекло, историја, демократски вредности и обединувачки дух, вредности кои ја одржаа како апсолутен победник во сите избори во последните две децении.
„Како фракција ќе продолжиме да се бориме со сите демократски, политички и меритократски средства, за зачувување на вредноста и придонесот на сите Албанци, кои никогаш не престанаа да ја поддржат и да ја доведат до апсолутна победа, политичката формација ОВК, именувана како Демократска унија за интеграција,“ се додава во соопштението.
ПОВЗРАНИ ВЕСТИ
Пет членови на претседателството од „огнените“ го напуштија ДУИ, партијата жали за нивната одлука
Фото: Фејсбук/Меџити