Проширувањето нема да биде на агендата на неформалниот самит во Берлин, и нема да се разговара за преговорите со Македонија, тема за која нема за сега промена во ставовите на Франција, велат за МИА високи извори во Елисејската палата.
И покрај одредени сигнали дека Париз би можел да омекне по прашањето за преговорите со Македонија после европските избори, од владини извори во Париз на брифинг со новинарите во пресрет на самитот во Берлин, пристигнаа поумерени тонови.
-Преговорите со Македонија и Албанија нема да бидат на дневен ред, и нема за тоа да се разговара во Берлин, нагласуваат од француската влада во најава на средбата во Берлин и додаваат дека ова не е на дневен ред за сега ниту во Советот на ЕУ.
На прашање на МИА дали можат да ги потврдат гласините дека Париз бил подготвен да се согласи со одвојување од Македонија и Албанија за старт на преговорите со ЕУ во јуни за да се олесни процесот за Македонија, од Елисејската палата велат дека “нема никаква одлука од таков вид во Франција, не е тоа на дневен ред и не ни е поставено такво прашање“.
Самитот во Берлин, кој ќе се одржи в понеделник попладне, е француско-германска иницијатива.
Освен домаќините, Ангела Меркел и Емануел Макрон, поканети се сите премиери од земјите од регионот, вклучително и премиерите на Хрватска и Словенија, како и српскиот и косовскиот претседател, и високата претставничка за надворешната политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Целта на овој состанок е да се разговара за регионалната соработка, а не за проширувањето, велат од француската влада, иако, како што потсетуваат, регионалната соработка е исто така „клучен критериум“ на патот кон полноправно членство во ЕУ.
-Знаеме дека проширувањето е суштинска точка за земјите од регионот, но не е предмет на овие дискусии, ова е состанок за регионалната соработка и ние немаме легитимитет да зборуваме за тоа, бидејќи тоа е надлежност на Европската Унија, нагласуваат во Париз.
Според последните информации, на состанокот нема да учествува еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, со што јасно се укажува дека оваа политика нема да биде на дневен ред во Берлин.
Проширувањето, впрочем, како заедничка политика на ЕУ, не може да биде предмет на дискусии на ваков неформален самит каде не учествува ниту еврокомесарот задолжен за тоа, ниту останатите 24 земји членки. За преговорите со Македонија се очекува да се разговара во јуни, после европските избори, на редовниот Совет за општи работи на ЕУ, но не е исклучено точката да биде одложена за септември, потврдуваат дипломатите во Брисел.
Берлин и Париз сакаат в понеделник да им „помогнат на земјите од регионот да ги надминат бројните спорови“ кои сѐ уште го попречуваат европскиот пат и уверуваат дека целта не е од регионалната соработка да се направи „супститут за другите процеси“, односно за проширувањето.
-Со ова се нагласува важноста да се третираат овие прашања неформално, бидејќи предизвиците поврзани со стабилноста сѐ уште не се надминати и има уште бројни спорови помеѓу земјите, тука Северна Македонија и Грција дадоа позитивен пример со Преспанскиот договор, благодарение на храброста на нивните лидери, велат од француската влада.
За Франција овој самит ќе биде и прилика „повторно да се ангажира“ во регионот, кој го напушти по војните во деведесеттите години, додаваат од Елисејската палата.
МИА