Професорот и доктор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски предупредува за употребата на кислородните боци.
„Овие денови кислородните боци и концентраторите за кислород се најбарани производи не само во болниците, туку и од приватните лица. Стравот од Ковид-19, но пред се стравот од ужасните искуства со „неизмерен глад за воздух” од една страна и се поголемата лимитираност на болничките капацитети принудија голем дел од нашите граѓани да купат боци со кислород и концетратори за О2, со цел да бидат користени во домашни услови.
Во оваа прилика би сакал да напоменам дека оксигенацијата на организмот е цела наука и несоодветното давање на кислород често може да предизвика поголема штета отколку корист. Концентратирите на О2 се многу побезбедни во тој поглед, бидејќи можат максимално да произведат до 5 литри кислород во минута, доза која ретко може да предизвика хипероксигенација.
Боците содржат компримиран О2 кој може да достигне притисок до 12l/min, што посебно при долготрајна неконтролирана употреба може да предизвика многу сериозни компликации.
Кај сите потешки форми на Ковид-19, со појава на пневмонија, неконтролираното давање на високи дози на кислород може дополнително да го уништи веќе воспаленото белодробие. Неправилната хидратација на кислородот од боците, кој е во гасовита форма, може дополнително да го иритира белодробието.
Неправилното ракување со кислородните боци и ненавременото затворање на вентилот, веќе предизвика експлозии кај нашите соседи во Бугарија и Србија. Затоа, многу, многу, многу внимателно со кислородните боци во домашни услови, бидејќи може место на Вашите најмили да им помогнете, многу да им одмогнете. Медицината е сепак наука која не случајно се учи цели 12 години,“ пишува тој на неговиот фејсбук-профил.
Фото: Фејсбук/Беќаровски