еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Низ изложба ќе се прикажат единаесет критични жешки точки во Македонија, кои се извори на загадувањето

Вечерва во Музејот на современата уметност, во 19 часот ќе биде промовиран настанот „Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Република Северна Македонија“, во чии рамки е предвидена промоција на публикација, изложба на фотографии и презентација на проф. д-р Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски.

Настанот е резултат на неколкумесечното истражување и изложба со истоимениот наслов и се однесува на Македонија како една од земјите на Западен Балкан кои претставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред сѐ, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии, како и енергетската сиромаштија на населението.

И низа други фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата, загрозувајќи го севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикувајќи негативни влијанија врз животната средина и здравјето
на граѓаните.

Публикацијата е дел од проектот „Пејзаж на вознемиреност-култура и уметност за идното коегзистирање со еколошки кризи и климатски промени“ и започнува со објаснување и визуализирање на таканаречените жешки точки на Македонија, односно антропогеоморфолошки пејзажи, каде нивната ургентност за решавање произлегува од критериумите како количеството на отпад, токсичноста, близината до населените места и концентрацијата на опасни хемикалии.

Во продолжение, се прикажани работилниците кои беа дел од проектот, реализирани во Велес, Битола и Преспа, со цел подигнување на свеста и мобилизација на граѓаните околу прашањата на локалните девастирани животни средини; и третиот дел се однесува на изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје во март 2023 година, која е создадена од сите учесници вклучени во проектот, каде се истражуваа и практикуваа нови модели на соработка, стратегии и иницијативи кои подразбираат заедничко дејствување.

Изложбата ја градат фотографии од единаесет жешки точки лоцирани од професорот Трајче Стафилов и кои се однесуваат на конкретни локации на активни и затворени индустриски објекти кои генерираат отпад и ја загадуваат животната средина со тешки метали.

Единаесетте жешки точки се рангирани по опасност на овие жешки точки, а критериумите се количеството на отпадот што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено место, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот, во каква форма се и други фактори.

Фотографиите се авторство на Денис Сарагиновски, а целиот настан е продуциран во соработка со кураторката Ивана Васева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Неби Хоџа: Ги мотивирам вработените на компанијата да ја чувствуваат како нивна

Силвана Жежова

БНР: Граѓаните на Македонија со постојана адреса во Бугарија повторно се на избирачките списоци, но не гласаат

Редакција

Албанија забранува користење мобилни за учениците и наставниците за време на настава

Редакција