Во периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената деловна политика на банката за 2020-та година, притоа од март 2020 прилагодувајќи го тековното работење на ново настанатата ситуација со пандемијата Ковид-19, се со цел да се зачува високата ликвидност и солвентност, паралелно со непрекинато давање на услуги и финансиска поддршка на клиентите, соопшти банката преку Македонската берза.
„Во анализираниот период, банката оствари нето добивка во износ од 705.377.000 денари (11,4 милиони евра), што претставува намалување за 26,8% во однос на остварената нето добивка истиот период претходната година“, информираат од банката.
Оттаму додаваат дека инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во изминатата година, во првата половина од 2020-та биле наградени од финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2019 каде НЛБ Банка АД Скопје, четврта година по ред, e избрана за Најдобра банка во земјава.