Три нови сали со нова опрема и апарати за интервентната кардиологија, радиологија и оториноларингологија се пуштени денеска во ГОБ „8-ми Септември“. Нивното користење се очекува да го намали бројот на чекања за коронарографии, каротидографии, ангиографии и стентирања.
Инсталирани се апарат за мамографија што може дневно да опслужи 60 пациенти, апарат за ултразвук, компјутерски томограф, два најмодерни дигитални апарати за конвенционални РТГ графии и апарат за навигација.
Директорот на ГОБ „8-ми Септември“, Христијан Костов објасни за што конкретно ќе се користат салите и опремата. Истакна дека нова опрема има и во Одделот за оториноларингологија.
-Имаме набавка на апаратот за мамографија што дневно може да опслужи до 60 пациенти, високософистициран апарат за ултразвук со висока резолуција, соодветен за најсофистицираните дијагностички процедури, компјутерски томограф од најнова генерација со 128-слајсен детектор, висока резолуција и брзина кој дневно може да опслужи до 40 пациенти, два најмодерни дигитални апарати за конвенционални РТГ-графии, апарат за навигација наменет за хирургијата на носот, синусите, ушите и базата на черепот со цел побезбедна хирургија особено во областа на оториноларингологија, како и СИ-АР за потребите на ортопедските интервенции, рече Костов.
МИА/Фото: Влада