Целосна забрана за организирање на настани, скратување на работното време на сите економски субјекти до 23 часот и капацитетот во јавниот превоз да биде исполнет до 50 отсто се новите предлог мерки кои биле донесени на денешниот утрински состанок со Комисијата за заразни болести.
Како што изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки.
Додаде дека законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласа во однос на предложениот пакет мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22 часот и забраната за домашни посети, со цел како што рече, Филипче, инспекторите и Министерството за внатрешни работи да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.
Филипче додаде дека во однос на капацитетите на болниците целосно е подготвена модуларната болница, таму се уште нема примено пациенти, но веќе се пристигнати лекарите и медицинските сестри од другите клиники.
Во однос на бројките на новозаразени Филипче напомена дека кај нас, но и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, што, како што посочи е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Сериозен процент од новозаболените не знаат каде се заразиле
МИА