Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 2“ и „Тревник“.
На претходното рочиште за „Титаник 2“ што се однесува за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година беа испрашувани поранешните членови на Државната изборна комисија (ДИК) Виолета Дума и Субхи Јакупи.
Во овој случај обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.
Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
МИА