Доаѓаме до крајот на една од најважните и најчувствителните години за нашата земја. Година на интеграциите. Да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого, вели премиерот Зоран Заев во своето новогодишно обраќање.
„Ви посакувам успешна, економска и интеграциска година, добро здравје и ведар дух. Македонија ја градиме да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии, да биде земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме.
Преку изградба на пријателство со соседот Грција, одговорно затворивме спор што Македонија ја влечеше надолу цели 27 години. Избравме иднина, наместо неизвесна изолација. Денес, нашата држава е на чекор да стане 30- тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО.
Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската унија.
Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација.
Додека ја испраќаме 2018 година во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план, направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас.
Да бидеме горди на тоа. Затоа, иако предизвиците се големи, да се украсиме сите ние со храброст, одлучност и да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого. Во тој дух да го поддржиме и да му дадеме шанса на сонот на нашите генерации. Среќна Нова 2019 година“, вели Заев.
Фото: Фејсбук/Заев