Поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, обвинет во случајот, “ТНТ”, за уривање на објектот Космос, на денешното рочиште истакна дека планот за изградба на објектот бил предлог на инвеститорот (Фиат Цаноски), и финански покриван од него.
Тој во својата одбрана посочи дека паркинг местата во Космос биле најголем проблем од почетокот.
– Со паркинзите се прават малверзаци и криминал. Инвеститорите во почеток прават како што треба, а реално се случува потребните паркинзи да ги нема, рече обвинетиот Трајковски и додаде дека Врховниот суд утврдил дека правото на градба е одземено по вина на инвеститорот.
Според обвинението за „ТНТ” во временскиот период од 1 април 2011 година до крајот на 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски, во својство на премиер и обвинетиот Миле Јанакиески, како тогашен министер за транспорт и врски, заеднички со цел да му се одмаздат на оштетениот Фиат Цаноски, за неговата политичка одлука кој како претседател на политичката партија – ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата – ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичката партија СДСМ, искористувајќи ја нивната реална моќ со умисла го поттикнале обвинетиот Тони Трајковски (поранешен градоначалник на Општина Гази Баба), да стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување”, односно тој да ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот – инвеститорот Цаноски.
МИА