еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Од 11,3 на 39,3 се зголемил процентот на граѓани кои сметаат дека никогаш нема да влеземе во ЕУ: Истражување на „Конрад Аденауер“

Поддршката на членството на Македонија во НАТО од 2021 година континуирано се зголемува правејќи кумулативна позитивна разлика од 5,9 проценти и во апсолутна смисла денес таа изнесува 65,7 проценти.

Европските интеграции на Македонија ги поддржуваат 62,3 проценти, што претставува резултат кој е на скоро исто ниво од претходното истражување во 2022 година, кога таа поддршка изнесуваше 62,8 проценти.

Ова се дел од резултатите од испитувањето на јавното мислење што ги сподели денеска Фондацијата Конрад Аденауер, која ја издаде публикацијата: „Меѓународни предизвици 2023 (Истражување на јавното мислење)“.

Испитувањето е спроведено кон крајот на мај годинава од Институтот за политички истражувања (ИПИС), со вклучени 1.111 испитаници.

– Публикацијата има за цел да го анализира расположението на македонската јавност во однос на најважните предизвици и дополнително да ги разјасни трендовите на движењето на таквото расположение низ хронолошка повеќегодишна перспектива која се темели на добиените резултати од претходно спроведените истражувања на јавното мислење издадени од страна на Фондацијата во 2021 и 2022 година – „30 години независност“ и „30 години надворешна политика и одбрана“, соопштија од Фондацијата Конрад Аденауер.

Во однос на времето кога Македонија ќе се зачлени во ЕУ, се наведува во соопштението од Фондацијата Конрад Аденауер, најголемата група ја сочинуваат испитаниците што сметаат дека тоа нема да се случи никогаш, односно 39,3 проценти, што споредено со 2022 година оваа група има раст од 11,3 проценти, дека членството во ЕУ ќе се оствари за 10 години сметаат 14,9, дека членството ќе се случи за 10 – 20 години сметаат 11,3 проценти, дека ќе се случи за 5 години сметаат 8,5 проценти, додека 18,1 процент, изјавиле дека не знаат, односно немаат одговор.

Преспанскиот договор со Грција го поддржуваат 36,3 проценти, а 37,2 проценти сметаат дека овој договор ги подобрил македонско-грчките односи, што споредено со 2022 година претставува раст од 6,6 проценти.

– Педесет и девет проценти не го поддржуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, што споредено со 2021 претставува раст од 13,6 проценти. Истовремено 67,3 проценти сметаат дека по потпишувањето на овој договор македонско-бугарските односи се влошиле, што споредено со 2022 година претставува раст од 10,2 проценти.

68 проценти ја поддржуваат иницијативата за соработка помеѓу Македонија, Албанија и Србија „Отворен Балкан“, што споредено со 2022 година претставува раст од 2,3 проценти, покажуваат резултатите од спроведената анкета.

На група засебно поставувани прашања за безбедноста, кои се однесуваат на широк круг на надворешни состојби што влијаат врз безбедносните состојби во државата, се додава, 92,3 проценти сметаат дека организираниот криминал претставува најголема закана за Македонија, по што следуваат потенцијалните нови здравствени епидемии кои како опасност ги чувствуваат 84,9 проценти од испитаниците, па лажните вести со 82,5, хибридните закани од други држави со 79 проценти, напливот на мигранти со 76,4 и враќањето на борците од странски боишта во државата, што како најголема опасност за Македонија го сметаат 70,7 проценти од испитаниците.

Фондација Конрад Аденауер соопшти дека на прашања посветени на квалитетот на билатералните односи на земјата со селектирани држави, на врвот се наоѓаат Србија, за која 88,1 процент сметаат дека има добри односи со Македонија, и Турција, за која 84,3 проценти сметаат дека има добри односи со Македонија. Следни во горниот дел од табелата се Германија со 77,4 проценти, Албанија со 66,3, Косово со 65,7 и САД со 62,2 проценти позитивни перцепции.

На најдолниот дел од табелата се Бугарија и Русија, за кои само 18,3 проценти односно 16,5 сметаат дека имаат добри билатерални односи со Македонија.

За влијанието на селектирани држави врз внатрешните политички, економски и безбедносни прилики во Македонија, испитаниците како најпозитивно го оценуваат влијанието на Турција со 58 проценти позитивни впечатоци за политичкото, 66,1 за економското и 60,3 за безбедносното влијание во Македонија.

Потоа следна на табелата е Европската Унија со 38,7 проценти позитивни впечатоци за политичкото, 41,6 за економското и 41,2 проценти за безбедносното влијание во Македонија.

Трети на оваа скала, се додава во соопштението, се САД со 37 проценти позитивни впечатоци за политичкото, 38,8 за економското и 41 за безбедносното влијание во Македонија. Претпоследното место во оваа табела ѝ припадна на Кина со 28,7 проценти позитивни впечатоци за политичкото, 36,8 за економското и 29,6 за безбедносното влијание во Македонија.

Најмалку позитивни оценки испитаниците даваат за влијанието на Русија, со 17,5 проценти позитивни впечатоци за политичкото, 18,9 за економското и 18,2 проценти за безбедносното влијание врз Македонија.

Од анкетираните, 53,7 проценти ја оценуваат руската воена агресија врз Украина како неоправдана и неприфатлива, наспроти 29,3 кои ја оцениле како оправдана и прифатлива, што претставува разлика од 24,4 проценти во корист на првата група. Споредено со 2022 година, за 3,3 проценти е зголемен бројот на испитаниците што сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, но истовремено за 3,1 процент е зголемен бројот на испитаниците што ја оправдуваат агресијата врз Украина.

Во оваа смисла, за разлика од минатогодишното истражување, се подвлекува во соопштението од Фондација Конрад Аденауер, може да се заклучи дека денес испитаниците имаат појасни ставови за војната во Украина, бидејќи зголемувањето на првата и на втората група е на сметка на испитаниците што претходно одговориле дека немаат одговор, односно не знаат.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одбраната ќе поднесе жалба за притворот на Мијалков

Редакција

Извршителите нема повеќе да ги ставаат граѓаните во должничко ропство: Усвоени законските измени за облигациските односи и извршување

Редакција

Официјално е постигната коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива

Редакција