еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Светоста на семејството, децата и образованието во фокусот на сенародниот собир на МПЦ-ОА

„Здрави деца, здраво општество“, „Само момче може да порасне во маж“, „Да, за мама и тато, а не за родител 1 и родител 2“, „Вера, традиција, семејство“, „Жена – возрасно лице од женски пол“, беа дел од паролите на сенародниот собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција што се одржа вечерва во дворот на храмот „Св. Климент Охридски“.

Главните пораки ги упати архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, кој соопшти дека се тука за да кажат „да“ на животот, за светоста на семејството ‒ оформено од еден маж и една жена, за одбрана на децата од, како што рече, неприфатливи и наградувачки нови идеологии.

Соопшти дека се свесни за плановите, намерите и желбите на организации и движења кои, како што рече, до таа мера зајакнаа во нашето општество што, некои од нив, навлегоа во државните институции, та и закони ни пишуваат!

– Закони, токму како оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја не само целат да ја секуларизираат Црквата, туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некаков си светски поредок кој им е туѓ на словото и на духот на Апостолите, на светите отци и на Светото Евангелие, рече г. г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ потсети на реформите во образовниот систем и кои, како што рече, галопирајќи трасираат пат за таканареченото родово сензитивно образование, кое треба да кулминира со сеопфатно сексуално образование.

-Во нашите училишта без согласност на родителите се делат наставни листови кои промовираат хомосексуалност и истополови бракови… Апелираме да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и со сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото лишување на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство.

И, конечно, до кога нашите деца ќе учат од учебници чии што содржини се диктирани од туѓи држави и од туѓи центри? А што да се каже за веронауката во нашето образование?! ‒ Дваесетина години се потценети и предметот, и предавачите, и Црквата со верските заедници и сите ние, нагласи г. г. Стефан.

Тој се осврна на значењето на Црквата, верата, жената и нејзините права, мајчинството…

– Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на Црквата и од прангите на патријархатот, а во реалност ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи, кои никогаш нема да бидат жени во вистинската смисла на зборот, и токму на тој начин му даваат легитимитет на насилството врз жената, рече поглаварот на МПЦ.

-Затоа, возљубени присутни ‒ чеда на Македонската православна црква, на Католичката црква, на протестантските цркви и на Еврејската заедница, ве замолувам вас и сите луѓе со добра волја, непоколебливо да опстојуваме во нашата праведна борба за одбрана на семејството и за запазување на ликот Божји во човекот.

‒ Дај Боже да опстоиме, за да постоиме!, потенцира архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Академик Катица Ќулавкова рече дека главните приоритети на Повелбата на Европската Унија се транс-родовите идентитети, односно политиките за нивна институционална и законска поддршка.

– Тие приоритети се на пат да станат доминантна европска вредност. Со нив државите ‒ аспиранти и членки на ЕУ се насочуваат да донесат соодветни законски регулативи, а со регулативите доаѓаат и санкциите. Полека, но сигурно, се промовира култура на „позитивна дискриминација“ по родова основа.

Се промовира нов извор на неправда. Оти не постои праведна дискриминација. Конечно, изопаченоста, позната под терминот „квир“, станува синоним на западните и европските вредности, рече Ќулавкова.

Според неа, повеќе од кога било до сега е неопходен здрав разум во сферата на јавните политики.

– А, да не заборавиме, нема здрав разум без емпатија, без хармонија, без хуманост. Драги сограѓани, човештвото има многу лица. Треба ли да дозволиме да ни се наметне како опција само едното негово лице, лицето на транс-хуманизмот? Дали откажувањето од хуманизмот било некогаш решение, или обратно?, рече Ќулавкова.

Сенародниот собир беше мирен и немаше инциденти. Заврши со песната „Молитва“ во изведба на триото „Џентлмен“.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Словачка и Унгарија најверојатно ќе бидат изземени од санкциите за руската нафта

Редакција

Сите детали: Најголем дел од новозаболените од коронавирусот се на возраст од 50-59 години

Редакција

Кој е новиот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ: Боксер, премиер и советник на Еди Рама

Редакција