еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Од утре гарантирана цена и за безалкохолните пијалаци, донесена одлука и за намалување на профитните маржи кај овошјето и зеленчукот

Гарантираната цена, освен кај прехранбените производи, од утре ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај оваа одлука, денеска Владата на седница донесе одлука и за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со ова се очекува намалувањето на цените да биде од 10 до 30 проценти.

Одлуката за намалување на цените, како што објави попладнево премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, денеска ќе биде објавена во „Службен весник“ и од утре стапува на сила.

Ковачевски смета дека има доволно време да се направи корекција на цените.

-Кога се работи за зголемување на цените, тие може преку ноќ да се зголемат, така што истото тоа  може да биде направено и за намалувањето на цените, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.

Производителите на безалкохолни пијалаци и на вода, како што посочи Ковачевски објавувајќи ги денешните одлуки, самоиницијативно се приклучиле кон мерката „гарантирана цена“.

Највисоките цени на овие производи, со исклучок на енергетските пијалоци, се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 19 септември, а трговците на мало се должни да ги сменат цените на овие производи и да ги одбележат со натписот „гарантирана цена“.

„Гарантираната цена“ за сите овие производи ќе важи до 30 ноември.

Претходно, Владата веќе овозможи 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и месната индустрија да се намалат за најмалку 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.

Во однос на овошјето и зеленчукот денеска е донесена одлука за определување на највисока трговска (профитна) маржа. Во трговијата на големо таа се утврдува во вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во износ од 15 проценти.

– Пред нас следат одлуки за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10 проценти. И ова се одлуки кои ќе бидат донесени во текот на наредните денови, објавени и спроведени во пракса, рече Ковачевски.

Очекува дека со овие мерки ќе се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.

– Тоа веќе се покажа со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10 проценти на платите, како и линеарното зголемување на пензиите согласно со методологијата која беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8 проценти, а за храната да достигнеме до 5 проценти, рече Ковачевски.

Апелираше до трговците и до големопродавачите да ги почитуваат мерките, а граѓаните да алармираат до Државниот пазарен инспекторат за сите неправилности доколку ги воочат. 

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Демократско движење, Беса и Алтернатива ќе делуваат во една пратеничка група

Редакција

Пет дена пред да оди во затвор, Сеад Кочан легна болен

Редакција

Топ пет акции на Македонската берза со најголем пораст на вредноста

Редакција