Според последниот попис на населението спроведен во 2021 година, околу една петтина од вкупното население во Македонија го сочинуваат деца и адолесценти, а повеќе од една третина се лица помлади од 30 години.
За менталното здравје на младите нема многу податоци, но сепак постоечките истражувања укажуваат на големи проблеми со менталното здравје од типот на депресија и анксиозност кај децата и адолесцентите, што се должи на фактори како што се сиромаштијата, социјалната исклученост, изложеноста на семејно насилство и стигмата.
Според последното истражување што го спроведе Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ, околу 30% од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија, додека скоро половината од нив, односно 48,4%, изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година.
“Како дел од Заедничката глобална иницијатива на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ за ментално здравје и психосоцијална добросостојба и развој на децата и адолесцентите, воспоставуваме соработка со жени-лидери од одбрани локални заедници и им помагаме да ја подигнат јавната свест за важноста на превенцијата и навремениот третман на проблеми поврзани со менталното здравје.
Целта ни е да им обезбедиме на ангажираните жени-лидери знаење и алатки и да ги охрабриме да го кренат гласот во средините каде живеат за оваа значајна тема,” се вели во соопштението.