еМагазин
Image default
Локално

Општина Карпош ќе ги субвенционира младите за полагање за возачка дозвола

Со вкупен буџет од 5.000.000 денари, Општина Карпош преку Секторот за развој од денеска почна акција за субвенционирање на младите жители на локалната самоуправа кои сакаат да полагаат за возачка дозвола (Б-категорија). Општина Карпош целосно ќе ги покрие трошоците за обука од теоретскиот и стручниот дел од испитот.

Како што информира Општина Карпош, јавниот повик за субвенционирање ќе трае до исцрпување на средствата за оваа намена и ќе функционира по принципот „Прв дојден, прв услужен“. Право на пријавување имаат сите заинтересирани физички лица кои се жители на Општина Карпош и ги исполнуваат потребните критериуми.

Секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање за полагање на стручен дел за возачка дозвола мора да е жител на Општина Карпош минимум три години до денот на поднесување на барањето.

Ќе се субвенционираат млади лица кои во 2023 година ќе наполнат 18 години, односно право на поднесување имаат сите млади лица кои во 2023 веќе имаат наполнето 18 години, вклучително и оние кои сѐ уште не наполниле 18 години, а се родени во 2005 година.

Ќе се субвенционираат само оние лица кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање на возачки испит за Б категорија, во автошколи кои се избрани преку Јавен повик со Одлука бр.11-1172/7 од 21.03.2023 година.

Избрани автошколи се „Смарт“, „Мобилити плус“, „БобиМ“, „Сигурсност“, „Софи скул“, „Тримоски“, „Шкорпион“, „Автомак Гоце“.

– Ќе се субвенционираат само оние лица кои ги исполнуваат горенаведените критериуми и уплатиле во автошколите на денот или по денот на објавување на Јавниот повик (28.03.2023), се наведува во соопштението.

Општина Карпош ќе покрие 100 отсто од износот кој се наплатува за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б-категорија. Во случајов, истиот износ е утврден како минимална цена за обука во Правилникот за минимална цена, за оспособување на возачи во автошкола за следење на обуки од теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за Б-категорија, согласно минималните пресметани елементи на вредност.

Поднесувањето на потребната документација ќе се одвива во две фази. Во првата фаза се предвидува поднесување Барање за издавање на Потврда за исполнување на услови за субвенционирање (се подигнува во архива на ул. „Радика“ бр. 9, барака 2 или на веб-страницата на општината) со Изјава за согласност за обработка на лични податоци. Притоа треба да се приложи и копија од лична карта како доказ за жителство и година на раѓање и копија на лична карта од двајцата родители како доказ дека живеат минимум три години во општина Карпош.

Во втората фаза се предвидува Барање за субвенционирање за поврат на 100 отсто од вкупниот износ за теоретска и практична обука (по добивање на потврда за исполнување на критериуми), Потврда за исполнување на критериуми издадена од Општина Карпош, оригинална фискална сметка за извршена уплата за теоретска и практична обука во автошколата и копија од трансакциска сметка.

-По поднесувањето на документацијата, апликантите ќе бидат известени во писмена форма, дали ќе бидат корисници на средствата за субвенции за посетување на обуки за теоретски и практичен дел, за полагање на возачка дозвола (Б-категорија) од Општина Карпош, се вели во соопштението.

Правото на субвенција е еднократно, а за сите дополнителни информации, заинтересираните странки можат да се обратат во Секторот за развој на Општина Карпош, кај задолжените лица за контакт. Тоа се Никола Димовски 076/299-175 и Драгана Божиновска 070/509-709. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Запалил стрниште, направил пепел од имотот на соседите

Редакција

Обид за киднапирање на тригодишно девојче во скопско Ѓорче Петров

Редакција

Изгореа 7.500 лозници во Вевчани

Редакција