Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната заедничка прес-конференција со Вопке Хукстра, министер за надворешни работи на Кралството на Холандија, изрази здоволство што одржуваме добар интензитет на политички дијалог на високо ниво.
Ова е одраз, нагласи Османи, на пријателството и партнерството помеѓу нашите две држави што се одвива во последните три децении.
Шефот на дипломатијата информирајќи дека идната година одбележуваме 30 години од воспоставување дипломатски односи со Кралството Холандија, нагласи дека Холандија е една од најголемите и најконзистетни поддржувачи на демократскиот развој на Македонија, но и на евроатлантските перспективи.
– Холандија е еден од најголемите донатори токму фокусирајќи се на развојот на демократијата на цивилното општество. Ние сме благодарни за сето тоа, меѓутоа се разбира и во конкретната и козистентна поддршка на нашиот евроинтегративен пат, рече Османи.
Како што информира тој, на средбата разговарале за почетокот на преговорите со ЕУ, на 19 јули со одржување на првата меѓувладина конференција, почетокот на скринингот.
– Објаснив за подготвките што ги прави С Македонија за недела дена кога ќе треба и да го отвори и првиот кластер во делот на скринингот и предизвиците коишто не очекуваат на тој пат. И задоволство беше да слушнам дека Холандија е спремна да продолжи и да ја интензивира поддршката во подготовката на земјата за исполнување на критериумите за членство во ЕУ, рече министерот Османи.
Османи и Хукстра разговарале и за билатералната соработка, оценувајќи ја за одлична и на политички и на економски план. Говореле и за зголемување на трендот на економската и трговската размена, но и бројот на туристи, како и фактот дека 35 илјади холандски туристи поминуваат годишно во Македонија, бројка што зборува само за себе за одличните односи помеѓу двете држави.
Во фокусот биле и регионалните предизвици, меѓутоа и вкупниот геополитички контекст наметнат со руската агресија во Украина и последиците што ги предизвикува.
– Укажав уште еднаш дека С Македонија продолжува со својата стопостојна усогласеност на надворешната и безбедносна политика со ЕУ и недвосмислената поддршка на Украина и нејзината борба против оваа агресија, истакна министерот Османи.
Уште еднаш се заблагодари за оваа, како што рече, навистина важна посета со која што не само се отвора една нова страна во односите во продлабочување на нашите билатерални односи, туку и се охрабруваат граѓаните и целото општество во овие нови предизвици во кои влегува Македонија со отворањето на преговорите за членство.
На средбата се разговарало и за нашето партнерство во НАТО, како и за нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година каде очекуваме, наведе Османи, да придонесеме во рамки на организацијата во овој исклучителен тежок период на силна поларизација на организација меѓутоа и на нарушена безбедносна архитектура на Европа.
Министерот Вопке Хукстра, посочувајќи дека ова е прва негова посета на нашата земја, упати честитка за утрешниот Ден на независноста.
Според него, воспоставен е одличен дијалог меѓу двете земји, имаме силни билатерални односи, и со радост очекуваме, истакна, следната година да ја прославиме 30 годишнината од воспоставување на нашите дипломатски односи.
– Денес, ние и нашите тимови ја потврдивме нашата силна поддршка за Украина и украинскиот народ, и неопходноста да се стави крај на руската агресија. Би сакал да изразам пофалби за С Македонија што застана заедно со НАТО партнерите во поддршка на Украина покажувајќи и зајакнувајќи го единството. Исто така С Македонија помогна и во испорака на оружјето, рече Хукстра.
Тој се осврна на Првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ и потенцира дека со тоа се обележа стартот на почетнат фаза на преговорите за членство.
– Знам, и потврдувам дека имаше многу тешки моменти претходно за С Македонија. Меѓутоа јас целосно ги поддржувам сите ваши заложби и напори на патот кон ЕУ интеграцијата, истакна Хукстра.
Оцени дека со министерот Османи денеска имале пријатен и конструктивен состанок, конструктивна средба и најави дека оваа нема да биде нивна последна средба.
– Јасно сакам да кажам дека верувам во заедничка европска иднина за нашите две земји, рече тој и додаде дека на средбата зборувале и за тоа како С Македонија планира да ги зајакне реформите, реформските напори, дека веќе се работи на тоа во изминатите години и какви се подготовки за спроведување на идни реформи.
Секако, рече холандскиот шеф на дипломатијата, како и секогаш патот кон пристапува кон ЕУ бара време.
– Зборувавме во детали за ова прашање, зборувавме за тоа како може Холандија да помогне, зборувавме за транспрентност и борба против корупцијата и борбата против истата.
Би сакал од име на Холандија да нагласам ние ќе продолжиме да ја поддржуваме и да ги поттикнуваме сите напори на вашата земја во правец на интеграција во ЕУ. Исто така со задоволство ќе дадеме помош на С Македонија во заокружувањето на сите напори за конечно зачленување во ЕУ.
Се надевам дека до крај ќе ги искористиме сите потенцијали за наша соработка и билатерално и во рамките н НАТО и во друг контекст,“ истакна Хукстра.
МИА/Фото: МНР