еМагазин
Image default
Забава

Отворање на светската фотографска изложба од колекцијата на ФотоЕвиденс во НЛБ Галерија 

Со почеток во 20:30 часот, вечерва (20 август) во НЛБ Галеријата, „Фото сојузот на Македонија“ во рамките на своите активности „Денови на македонска фотографија“ пред македонската јавност ќе се претстават со дел од светската фотографска продукција преку проектот-институција „ФотоЕвиденсПрес“.

Станува збор за проект основан во 2010 од бугарската фоторепортерка Светлана Бахчеванова и фотографот Дејвид Стјуарт.

Цел на проектот е негување на традицијата за користење на фотографијата да се привлече вниманието на јавноста кон случаите каде се кршат човековите права, неправдите, мачењата  и нападите врз човековото достоинство. Фотографиите не само што го сменија начинот на гледањето на луѓето туку, во некои случаи, успеаа да го сменат и правецот на историјата.

Начинот на работа на ФотоЕвиденс е вкрстување  на фотографијата со борбата за човекови права.

Нивната активност се темели на верувањето дека фотографиите сами по себе не можат да го сменат светот, но овозможуваат несомнен доказ и приказ на човечки стории за кои не може да се молчи и кои  бараат одговор. Досега ФотоЕвиденс помеѓу останатите здруженија,  стана партнер и на проекти со Пулицеровиот центар за кризни известувања, Human Rights Watch, Amnesty International и Фондацијата Open Society.

Во три случаи ФотоЕвиденс со своите фотографски изданија (Фотобук) досега има успеано директно да влијае врз владите и да започнат процес на социjални промени.

Во последните осум години, ФотоЕвиденс Бук Аворд се доделува на еден фотограф чија работа демонстрира храброст, посветеност во потрага по социјална правда, a во 2017 година ФотоЕвиденс станува партнер на World Press Photo.

Избраните проекти се публикувани од ФотоЕвиденс како дел од серија на „Фотобукови“  како признание  за работата на фотографите чија посветеност и храброст испорачува болна вистина, создавајќи свест и нетолеранција против  насилството врз човековото достоинство.

До денес ФотоЕвиденс има испечатено 25 изданија со кои се привлекува вниманието кон кршење на човековите права, мачења и напади на човековото достоинство каде и да се појави. Неколку изданија на ФотоЕвиденс најдоа свое место во: „Најдобри фотокниги на годината“ на магазинот Time, The New York Times, Smithsonian magazine, Mother Jones, Vogue и Photo- eye.

Изложбата која ќе биде претставена на македонската публика е составена од три фото стории. Фотографите Меџид Саеди, Хавиер Арценилас  и Андреа Стар Риз обработуваат теми од три различни делови на светот кои нема  да ја остават публиката рамнодушна.

„Денови на македонска фотографија“ е клучната фотографска манифестација во Македонија  и претставува пресек на творештвото на македонските фотографи во тековната година. Организатор е  Фото сојуз на Македонија и оваа година се одржува по 57-ми пат. Во нејзин склоп се одвива неколку активности од чиј дел е и изложба од колекцијата на ФотоЕвиденс.

Изложбата ќе биде поставена во НЛБ Галеријата до 31 август.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Мадона сè уште најпродавана пејачка на сите времиња, го држи рекордот од 2009 година

Редакција

(Фото) Рита Ора го „запали“ Инстаграм: Албанката никогаш не изгледала посекси

Редакција

(ВИДЕО) Лана Дел Реј со нов албум

Редакција