Вкупниот берзански промет по сите основи во првите шест месеци од годинава изнесува околу 75 милиони евра, што претставува намалување од 13,6% наспроти истиот период лани, стои во билтенот на Македонската берза за овој период.
Во тие рамки, прометот со акции во БЕСТ системот во првото полугодие оваа година изнесува околу 44 милиони евра и е за 2% поголем во однос на истиот период 2021 година.
Просечниот дневен промет во првото полугодие од 2022 година изнесува 25,4 милиони денари и бележи намалување од 7% во однос на истиот период минатата година, додека просечниот дневен број на трансакции е речиси идентичен како и минатата година и изнесува 85 трансакции дневно.
-Главниот причинител за намалениот вкупен промет е помалата вредност на блок трансакциите, односно оваа година овој промет изнесува околу 1,5 милијарди денари наспроти ланското остварување од нешто околу 2 милијарди денари.
Деталната aнализа на прометите од редовното тргување во БЕСТ системот оствaрени во првото полугодие во последните пет години покажува дека овој промет оваа година е треторангиран во последните 5 години.
Прометот со обврзници се намали за 44% во H1 2022, што е очекувано со оглед на фактот дека во 2021 година имаше котација на две државни обврзници за денационализација.
Од аспект на структурата на прометот во H1, околу 66% од прометот е остварен од редовно тргување, 32% е остварен преку блок трансакции, додека останатите 2% се реализирани од јавни берзански аукции и јавна понуда на хартии од вредност, стои во анализата на Македонската берза.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Колкав промет оствариле акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка за шест месеци