еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Пановски: Не само што нема вакцини, туку нема ни луѓе кои сакаат да се вакцинираат

Третиот бран на Ковид-19 кој е предизвикан од британскиот сој на коронавируст веќе го достигнува својот пик и се очекува за десетина дена да почне да се намалува, оценува професорот и микробиолог Никола Пановски.

Освен што преносливоста на вирусот е висока, луѓето вели тој, помалку се исплашени отколку што беа во декември, па затоа ги полнат кафените, се собираат по домовите и ковид – бројките се високи.

Во однос на вакцинацијата, тој смета дека имаме два големи проблеми, освен што нема вакцини нема и луѓе за вакцинација, бидејќи интересот е слаб. Дали состојбата со коронавирусот ќе се сабилизира од наесен, Пановски оценува дека тоа зависи од повеќе фактори.

„Зависи пред се од колективниот имунитет кој нема да придонесе кон некое нагло зголемување на огромен број на случаи и зависи од однесувањето на луѓето, пред се младите кои за жал гледаме како се однесуваат.

Нешто што се разликуваме сега е, што во декември имавме голем страв кај целото население, кој сега не го гледам. Сега кога возам велосипед гледам дека преполни се кафаните.

И секакви рестриктивни мерки се депласирани и смешни, додека работат кафеаните во затворено. Дека имале контрола внатре, а надвор немале е приказна за мали деца,“ вели Пановски.

Тој смета дека дополнителните мерки би ги иритирале луѓето, но потребна е контрола на јавниот превоз и колективите да делат бесплатни маски.

„Значи ригорозните мерки според мене имаат ефект ако се донесат во ек на масовно вакцинирање, како што е во Србија. Тогаш се спасуваат животи. Ако ние донесеме рестриктивни мерки на две недели, бранот ќе се продолжи и ќе се врати во мај пак. И што сме направиле, а вакцини немаме.

Ако правиме масовно вакцинирање, да, вредат мерките. Како што прави Германија. Во тој период би се спасиле што поголем број на човечки животи, како и инвалидитет после прележан ковид, “ додава тој.

Секој трет граѓанин има антитела на Ковид-19, покажа испитувањето на Институтот за имунобиологија врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје.

Пановски оценува дека тој 31 процент е добра бројка за населението, но е жално за семејствата што изгубија свои.

„Треба најмалку уште година дена за да се создаде колективен имунитет од 60 проценти, односно со британскиот сој требало и 80 проценти. Меѓутоа тоа значи дека  на 100.000 докажани, кога би биле 2 милиони народ, дека имаме најмалку 600.000 кои го прележале вирусот.

И ако сме 1.600.000 луѓе, таа бројка од 30 проценти до некаде го спречува ширењето на вирусот,“ објаснува Пановски.

Еден месец откако вакцинацијата во Македонија е започната, заклучно со 15 март се вакцинирани околу 5. 061 здравствени работници со вакцините на Фајзер и руската Спутник.

До сега, пријавени се околу 140.000 граѓани за вакцинација со вакцините кои допрва треба да пристигнат.

Но, Пановски оценува дека не само што нема вакцини, туку нема ни луѓе кои би се вакцинирале

„Имаме два огромни проблеми. Ние, не само што немаме вакцини немаме ни луѓе за да ги вакцинираме, бидејќи пријавени се 140.000 луѓе.

Од тие сметајте дека дел се што имаат антитела, а не знаат дека имаат. Потребно е покрај барање на вакцини да се бара и афирмација на вакцинацијата. Да се надеваме дека ќе биде успешна како што е во Србија, Израел,“ додава Пановски.

За да се подигне свеста за вакцинирањето според Пановски, тоа може да се случи само со презентирање на факти и споредба на бројките со државите кои имаат висок процент на вакцинирано население.

„Еве го Израел, ќе ја имаме и Србија за два три месеци. Ќе се средат бројките и треба да се објавуваат. Без да се прави со притисок.

Како што некој објаснува дека некоја баба или човек умрел после вакцина, треба да се каже дека во оваа земја каде што е направена вакцината, бројките се толку, смртноста е ваква, а таму каде што нема вакцина, иста таква земја на ист ваков начин на живот бројките се тие.

Кога ќе видат дека бројките се 1 спрема 1.000, тогаш самите луѓе нека си донесат одлука,“ објаснува тој.

Нормализирање на состојбата од септември, Пановски очекува само под услов да се надомести бројката на вакцинирани. Но, ризикот од пренесување на вирусот од младите на постарите ќе остане кај тие што ќе одбијат да се вакцинираат.

Тој лично се вакцинираше со вакцината на Фајзер и вели дека се чувствува посигурно.

„Еве осми ден откако се вакцинирав и по она што го следиме на Институт за имунобиологија оние кои се вакцинирале веќе имаат многу антитела, а кои претходно ги немале.

Имам колеги кои за жал оболеа по 10-11 дена вакцина, меѓутоа од тоа што го читав во литературата, лесно поминуваат.  Иако се возрасни немаат тешкотии и ќе поминат добро,“ додава тој.

Пановски смета дека треба да се размислува училиштата и факултетите да почнат да работат уште од август, за наставата да се држи на отворено, бидејќи во спротива, штетите од повторното затворање би биле огромни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починаа 18 лица, најмногу од Скопје, Кавадарци и Тетово

Редакција

Во нуклеарна војна меѓу Русија и САД би можеле да загинат над пет милијарди лица, Австралија и Аргентина би биле најмалку погодени

Редакција

Минатата недела од Ковид-19 починале пет лица

Редакција