еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Починатите во пожарот во Тетово се на возраст од 29 до 79 години

Ова е тажен ден за нашата земја и огромна трагедија којашто не потресе сите нас и изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите во овој настан, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче во врска пожарот кој синоќа се случи во модуларната болница во Тетово, а во кој животот го загубија 14 лица.

– Длабоко ме потресе она што се случи во Тетово и од вчера и во текот на целата ноќ целокупните капацитети на министерството, но и на сите други институции се целосно мобилизирани за што побрзо да се утврдат причините за оваа трагедија.

Во моментов сè уште трае истрагата и затоа замолувам да имаме трпение и да ги почекаме сите официјални наоди, рече Филипче.

Тој информира дека на денешната владина седница донеле одлука на нашите експерти во истрагата да им се приклучат експерти од странство.

– Ова го правиме со цел спроведување на независна и темелна истрага. Како министер и пред сè како човек барам сите наоди уредно да бидат презентирани во јавноста. Од одговорност никој нема да биде изземен доколку истрагата тоа го утврди, потенцира Филипче.

Тој соопшти дека во ковид-центарот во Тетово за време на, како што рече, овој стравотен настан биле хоспитализирани 26 пациенти. Медицинскиот персонал бил составен од лекари и медицински сестри, двајца лекари и четири медицински сестри.

– Дванаесет пациенти кои се евакуирани безбедни од ковид-центарот во моментот се хоспитализирани во болницата во Тетово и тие се во стабилна здравствена состојба, немаат последици од пожарот. Нема повредени, ниту починати здравствени работници.

На Институтот за судска медицина се предадени телата на 14 пациенти, за дел од нив е завршена обдукцијата, дел се одвива во текот на целиот ден. Починатите се на возраст од 29 до 79 години.

Освен класичните обдукциски наоди, ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на семејствата на пациентите, извести министерот за здравство.

Тој посочи дека целокупната документација за набавка и поставување на модуларните болници, вклучително и таа во Тетово, покажува дека при реализација на ваквите проекти, кои се поддржани од Светска банка, се запазени строгите стандарди и постапки.

– Истрагата исто така треба да утврди дали и на кој начин по предавање на објектот во употреба во тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен, рече Филипче, додавајќи дека Министерството активно ќе соработува со истражните органи и апелираше тоа да го направат и сите други институции, со цел точно да се утврди што се случило.

– Што се однесува до самите болници, нивниот квалитет, нашиот интерен увид покажа дека сите вградени материјали имаат сертификат, АТЕСТ за електрична, водоводна и канализациска инсталација.

За појаснување, тоа значи дека сè што е вградено од материјалите е со сертификат од производителот, а процесот на инсталација е со атестирање. Сето тоа е под надзор на акредитирана компанија што контролира дали се обезбедени сите сертификати за буквално секој материјал што се вградува во модуларната болница, рече Филипче.

Тој посочи дека по завршување на сите постапки, сите надзори и техничкиот прием модуларниот центар се примопредава на болницата во градот за понатамошно управување и одржување на објектот.

– Апелирам до граѓаните и медиумите да не создаваат паника и недоверба кон самите ковид-центри коишто значеа и сè уште значат многу за хоспитализација и спасување на животи во оваа ковид криза.

Вакви објекти се користат на многу места во светот. Пожари и несреќи се случуваат и овие трагедии можат да бидат предизвикани од многу фактори, вели тој и апелира да се почека резултатот од истрагата и да не се прејудицира.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

БРАКО: Нашиот дел од работите во ковид-центарот во Тетово се направени согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет

Модуларната болница во Тетово изградена согласно сите предвидени процедури и стандарди, велат од Министерство за здравство

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Џемаил Чупи кој Алтернатива го предложи за министер без ресор задолжен за дијаспората

Редакција

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ, има најголем кредибилитет да се бори за состав на новата Влада

Редакција

Поранешниот претседател на ИВЗ, Реџепи за пукањето кон неговиот син, полицаец: Немаме нечисти сметки со никого

Редакција