еМагазин
Image default
Локално

(Фото) Почна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“

Екипи на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот „Партизански одреди“. Градежните работи ќе се изведуваат на потегот од крстосницата со булеварот „8.Септември“ до мостот „Обединети нации“, во должина од два километра.

– На овој дел од булеварот „Партизански одреди“ целосно ќе се замени асфалтниот слој на површина од околу 47.000 квадратни метри, а на автобуските стојалишта ќе биде изведена комплетно нова коловозна конструкција.

Нашата цел е да се намали периодот во кој може да настане застој во сообраќајот. Очекуваме реконструкцијата на овој потег да заврши за околу 30 дена и за неа Град Скопје ќе потроши околу 69 милиони денари, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на почетокот на градежните работи на оваа делница.

Тој потсети дека во текот на претстојното лето за реконструкција се предвидени повеќе улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје.

– Заради тоа, уште еднаш ги замолувам граѓаните за разбирање и апелирам на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај што ги објавува Град Скопје. Реконструираните улици се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, а Град Скопје во исто време работи на изнаоѓање и на алтернативни сообраќајни коридори за да се избегне метежот во иднина, нагласи Шилегов.

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека од денеска поради реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од булеварот „8.Септември“ до мостот „Обединети нации“ е воведен привремен режим на сообраќај. Привремениот сообраќаен режим ќе се воведува во неколку фази.

Во првата фаза ќе биде затворена крајната десна сообраќајна лента на булеварот „Партизански одреди“ на потегот од мостот „Обединети нации“ до крстосницата со улицата „Лондонска“, во насока на движење кон центарот на градот, но нема да има промена во движењето на автобусите на ЈСП Скопје.

Градските власти апелираат до граѓаните да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.

МИА/Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трилер-кражба на обложувалница во Скопје: Вработена „зготвила“ вооружен грабеж

Редакција

Од утре се укинува бесплатниот превоз во ЈСП

Редакција

На 3. јуни Аутопартс Eкспо 2023, саем за автоделови во Скопје

Редакција