Судијката Наташа Габер Дамјановска, на нејзиниот фејсбук-профил информираше дека полицијата го пронашла возачот кој за малку ќе ја прегазел на пешачкиот премин кај Рамстор мол.
„Голема благодарност и пофалба за професионализмот и ефикасноста на МВР во пронаоѓањето на лицето кое сериозно ја загрозуваше безбедноста во сообраќајот. Ја истакнувам и желбата да се помогне на хумано, а не само на професионално ниво.
Мојот јавен апел како граѓанин на оваа држава, со најдобра намера и за доброто на сите нас, цели кон заложба за јакнење на превенцијата на вакви состојби и кон построга и поефикасна казнена политика во сообраќајот против крајно неодговорното однесување на некои учесници во сообраќајот.
Постојат бројни соодветни искуства во постарите демократии кои можат да се применат и состојбата да се подобри.
Можна е и дополнителна законска регулатива која би воспоставила построги рамки за сторителите, посебно кога се во прашање дејствија кои доведуваат до непосредна животна опасност по другите, а актуелно се третираат само како прекршоци.
Време е за позитивни промени и воведување ред, со тоа се постигнува и владеење на правото,“ напиша таа на нејзиниот фејсбук-профил.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МВР