Поради барање за изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од случајот „ДоказМ“, Апелациониот суд Скопје ја одложи денешната јавна седница за 19 мај.
Како што информираше јавниот обвинител Рајчев во своето излагање, по направениот прекин за да се одлучи по поднесеното барањe, тој доставил писмена изјава до вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи.
– Од моја страна беше изготвена и доставена писмена изјава до вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, во прилог записникот од денешната седница на која што беше истакнато барањето за иземање.
Со оглед на тоа да во истакнатото барање за изземање, освен тоа што бев споменат јас, како јавен обвинител кој што постапува по овој предмет, беше споменат и вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, па за да се отклони каква било непристрасност при одлучувањето по поднесеното барање и тој побара иземање по кое ќе одлучи Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, рече тој.
Обвинителот Рајчев дополни дека со оглед на тоа што јавниот обвинител е на службен пат во странство и не е во можност да одлучи по барањето за изземање, предложи денешната седница да биде одложена.
Судот, потоа, имајќи предвид дека од страна на Обвинителството не е донесена одлука по поднесеното барање за изземање, донесе решение јавната седница да ја закаже за 19 мај во 8:30 часот.
Според обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, јавниот обвинител Рајчев соработувал со него на дел од предметите за кој што му се суди, додека обвинителот ги отфрли овие наводи како невистини.
На Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“ Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена затворска казна во траење од три години и еден месец. Стаменковски се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.
Освен затворската на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5.000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал.
При претрес на домот на сега осудениот полицијата запленила документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сопственикот на „ДоказМ“ побара изземање на обвинителот Рајчев од постапката во Апелација
МИА